СЕ УРНА ПОТПОРЕН ЅИД КАЈ ШТИПСКАТА БОЛНИЦА Земја и ограда паднаа врз возила со скопска и велешка табличка
Две возила беа погодени, но нема повредени. Службите интервенираа и го исчистија местото на настанот.
Свлечиште од земја утринава урна дел од потпорниот ѕид на Клиничка болница-Штип, при што оградата и дел од земјата се свлекле врз две возила со скопска и велешка регистарска табличка.
Ката Крстевска од Велес, која дошла на преглед во болницата, раскажува дека оставиле возило и тргнале кон болницата кога одеднаш слушнале гласна врева и виделе дека ѕидот паднал врз автомобилот.
– Паркиравме и само што појдовме нагоре, слушнавме и кога дојдовме, беше страшно. Среќа се поправа, само да се живи и здрави децата – изјави Крстевска.
На местото на настанот веднаш излегоа екипи од СВР Штип за регулирање на сообраќајот на улицата Љубен Иванов, која води кон главниот влез на болницата. Просторот е исчистен од екипи на ЈП „Стипион“, а сообраќајот е во нормала.
Според очевидците, свлечиштето се случило по интензивни врнежи и влага во земјиштето, но засега нема информации за повредени лица. Надлежните најавуваат дополнителна проверка на стабилноста на потпорниот ѕид и околните површини за да се спречат слични инциденти во иднина.