СЕ ТРЕСЕШЕ ГОРАТА, ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА – МРТВОРОДЕНЧЕ Ако самата не даде оставка, никој не знае што точно да прави со Даути
Во новиот Деловник за работата на Собранието не е експлицитно наведено дали следува разрешување откако на претседател на собраниска комисија му е изгласана недоверба, па останува на војлата на Даути дали самата ќе си поднесе оставка, на волјата на спикерот Гаши да предложи нејзино разрешување или на нови чекори на пратениците да ја разрешат Даути преку Комисијата за изборите и именувањата.
Неизвесно е што ќе се случува понатаму по изгласаната интерпелација на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути во Собранието и дали и на кој начин ќе биде сменета доколку самата пратеничка не си поднесе оставка од претседателската функција.
Во новиот Деловник за работата на Собранието не е експлицитно наведено дали следува разрешување откако на претседател на собраниска комисија му е изгласана недоверба, а според познавачите, правните празнини не можат да се дополнуваат со толкувања.
Голема „дупка“ во новиот Деловник
Според член 51 став 4 од Деловникот, ако Собранието ја прифати интерпелацијата на носител на јавна функција, донесува заклучок во кој се изнесува ставот во врска со наводите на интерпелацијата. Во случајот со Даути е донесен заклучок дека наводите од предлогот за интерпелација се основани. Деловникот не нуди опции што понатаму.
Според дел од пратениците, можно е процедурата понатаму да оди преку Комисијата за прашања за изборите и именувањата, каде со 7 гласа „за“ може да биде разрешена. Според други пратеници, Комисијата за избори и именувања може само да усвои предлог за разрешување на Даути од функцијата претседател на Комисијата за социјална политика, а потоа тој предлог да се испрати на разгледување и усвојување на пленарна седница.
Гаши не одговара дали ќе бара разрешување
Од кабинетот на претседателот на Собранието Африм Гаши ниту денеска не појаснуваат што треба да следува понатаму. Оттаму го даваат истото соопштение како во петокот попладне откако беше изгласана интерпелацијата со 61 глас од пратениците од Левица, ВМРО-ДПМНЕ и од ЗНАМ, дека резултатот од гласањето за интерпелација не наложува разрешување на Даути.
„Нагласуваме дека гласањето за интерпелацијата е израз на пратениците и нема правно обврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство. Именувањата и разрешувањата се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот“, повторија и денеска од Кабинетот на Гаши.
Оттаму не прецизираат кои се утврдените процедури на кои се повикуваат и во кој член на Деловникот е уредено разрешувањето на претседател на собраниска комисија. Не одговараат ниту дали Гаши на пленарна седница ќе поднесе предлог за разрешување на Даути, врз основа на изгласаната интерпелација.
Пратениците со кои разговараше „Плусинфо“ велат дека и од правните служби во Собранието добиваат различни толкувања што треба да следува понатаму. Дел од правниците толкуваат дека интерпелацијата е само етички чин, а упатуваат и дека претходно имало донесено некое упатство дека интерпелацијата е правно необврзувачка. Друг дел од правниците толкуваат дека сега треба да се почне постапка во Комисијата за избори и именувања. Правниците во Собранието се консултираат со книгата „Политички систем“ од професорите Саво Климовски и Тања Каракамишева, каде е наведено дека со гласањето за интерпелација се изразува задоволство или незадоволство од работата на пратеникот, а доколку е изразено незадоволство, тоа може да биде основа за понатамошна постапка за одговорност.
ЗНАМ бара да се избере нов претседател на Комисијата
Од Движењето ЗНАМ соопштија дека е сосема нејасно на што се темели соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието дека со изгласувањето на интерпелацијата не следува и разрешување на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и спорт, Илире Даути.
Пратеникот Бобан Карапејовски од ЗНАМ вели дека за нив работата е јасна – со усвојувањето на интерпелацијата, Илире Даути е разрешена и таа повеќе не може да ја извршува претседателската функција во работното тело на Собранието.
– Собранието утврди одговорност кај Даути, таа несомнено го прекршила Деловникот, а санкцијата за прекршувањето на Деловникот е разрешување. Замислете на министер да му биде изгласана интерпелација со најмалку 61 пратеник, а тој да продолжи да ја извршува функцијата. Очекуваме опозицијата, на која според претходната распределба ѝ припадна претседателското место во оваа Комисија, веднаш да предложи нов кандидат за оваа позиција – вели Карапејовски за Плусинфо.
Тој додава политичката одговорност со изгласаната интерпелација е ништо ако нема соодветна санкција.
– Дури и да е правно необврзувачка, интерпелацијата етички подразбира дека пратеничката Даути повеќе не може да биде на таа функција, затоа што ако пленумот утврдил дека претседател на комисија го крши деловникот на Собранието, тој не може понатаму да ја врши претседателската функција – вели Карапејовски.
Пратеничката Даути денеска не одговори на нашите телефонски повици.
Во петокот, по изгласаната интерпелација таа на Фејсбук напиша статус со кој ја најави својата оставка.
„Да бев Таравари, дури и отпуштена ќе останев, ама јас сум Илире“, напиша пратеничката.
На Европскиот фронт не му се брза
По интерпелацијата, која ја поднесе партијата Левица затоа што Даути со кршење на Деловникот со месеци не ги ставаше на дневен ред на Комисијата измените на Законот за бранителите, од оваа партија велат дека ако таа самата не се повлече, варијанта е Комисијата за избори и именувања да даде предлог да биде разрешена.
Со усвоениот заклучок, велат од Левица, се утврди дека Даути повеќепати го прекршила Уставот, законите и Деловникот на Собранието, преку блокирањето на предлог-законот.
„Со оваа констатација, пратеничката од редот на Европскиот фронт е недостојна да ја врши функцијата претседател на Комисијата и нејзината пратеничка група итно треба да достави нов предлог кој ќе ја замени. Во спротивно, ако на кој било начин остане претседателка на Комисијата, се прави опасен преседан и целосно се девалвира и се обезвреднува правната институција ‘интерпелација’. Никакви пристрасни и ‘креативни’ толкувања на Деловникот од страна на спикерот Африм Гаши не можат да ја спасат Даути од одговорност. За жал, неговата очигледна пристрасност во овој случај излегува единствено мотивирана од етничката припадност на пратеничката“, се наведува во соопштението на Левица.
Доколку од Европскиот фронт не поднесат нов предлог на местото на Даути, од Левица побараа Комисијата за избори и именувања итно да реагира и да биде разрешена. Од Левица порачаа и ако Европскиот фронт повторно се обиде да ја предложи Даути за претседател на истата комисија, тоа ќе значи подигрување со правните процедури и треба да биде неприфатливо за мнозинството кое ѝ изгласа интерпелација.
Од Левица порачаа и дека Гаши има „деловничка обврска да го замени секој претседател на комисија кога не си ја извршува својата должност“.
Во Европскиот фронт не им се брза – викендов најавија дека деновиве, во вторник или во среда ќе излезат со поконкретни информации за идните чекори и ќе соопштат дали ќе предложат нов претседател на ова собраниско тело и кој би бил тој.