СЕ ТРАГА ПО УБИЈЦИТЕ ОД СИНОЌЕШНАТА ПРЕСМЕТКА ВО СТАРА ЧАРШИЈА Обвинителството бара докази кои ќе помогнат во истрагата
Според првичните информации на Јавното обвинителство, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на самото место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош.
По синоќешното двојно убиство во угостителски објект во Старата скопска чаршија се очекува да бидат објавени дополнителни информации за случајот во кој е повредено и едно лице.
Дежурен јавен обвинител заедно со полициски увидни екипи ноќеска вршеа увид во угостителскиот објект, а по полноќ од локацијата почна повлекувањето на бројните полициски сили што го обезбедуваа местото.
Според првичните информации на Јавното обвинителство, неколку маскирани лица со огнено оружје пукале кон двајцата кои починале на самото место, додека повредениот е пренесен во болница за да му биде укажана лекарска помош.
„Фиксирани се траги на лице место, а јавниот обвинител ги издава сите потребни наредби и насоки со цел да се обезбедат докази кои ќе помогнат за расчистување на настанот и за откривање на идентитетот на сторителите“, информираа од ЈО.
Од МВР соопштија дека на 06.03.2023 во 20.11 часот во СВР Скопје било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Самоилова” во Скопје пет лица облечени во црна облека со фантомки од огнено оружје пукале кон Ј.К. (37) и Е.И. (28), кои починале на местото на настанот, и кон А.Т.(34) од Скопје, кој се здобил со повреди и бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски” за укажување лекарска помош.
Известен е јавен обвинител, кој излезе на лице место и по чија наредба телата се дадени на обдукција. Околу 20.30 часот било опожарено возило „ауди а6″ на патот кон Горно Оризари. По насоки од јавен обвинител, извршени се службени разговори со повеќе лица и се преземаат соодветни мерки и активности за расчистување на убиството.
Како што изјавија за МИА од Универзитетската клиника за хируршки болести Свети Наум Охридски, едно лице со две прострелни рани е донесено во оваа клиника синоќа во 20.15 часот со приватно возило. Констатирана му е прострелна рана во пределот на левото стапало и поголема рана во пределот на десната потколеница, а по укажаната лекарска помош е пуштено на домашно лекување.