Се токми ли власта на фантомите да им подари државјанство со изјава на тројца сведоци: Пратеникот Трајанов тврди дека целта е да се признаат 70.000 граѓани

Треба да се проценат ефектите од една таква операција и што е најважно дали навистина има 70.000 граѓани кои се без државјанство, а кои пред осми септември 1991 година прстојувале најмалку 8 години во Македонија и сл. Во законот има и други решенија кои се спротивни на меѓународните стандарди, да се стекнува со двојно државјанство итн, вели Трајанов.

4,636

Министерот за правда Бојан Маричиќ вели дека нема информација дека Владата размислува за предлагање, или ,пак за поддршка на закон со кој ќе им се овозможи на лицата кои останале без македонско државјанство поради  распадот на СФРЈ, а кои се уште ги има во земјава и не можат да ги остварат своите права да им се даде таква можност со измени и дополнувања на Законот за државјанство кои деновиве поттикнаа многу реакции на социјалните мрежи.

– Немам таква информација дека Владата размислува за предлагање или пак за поддршка на ваков закон, иако за ваков закон за државјанства е надлежно МВР. Јас како член на Владата немам информација дека се планира таков закон или  дека таков закон ќе се донесе. Така што неможам да ја потврдам таа информација – вели министерот Маричиќ.

На веб страницата на Собранието е објавено дека на 25 ноември годинава група пратеници од опозициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, предложиле до претседателот на законодавниот дом Талат Џафери измени и дополнување на Законот за државјанство, а во членот 26 – а, се предага токму тоа што не му е познато на министерот за правда.

„Со денот на влегување во сила на овој закон лицата државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија можат да поднесат барање за да се стекнат со државјанство по сила на овој закон, со дадена изјава од тројца сведоци кои ќе сведочат дека поднесителот за добивање на државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година или со дадена изјава од сведок кој во тој период бил жител или се уште е жител во местото во кое живеело лицето“, се вели во предложените измени.

Пратеникот Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз во изјава за Плусинфо потврдува дека група пратеници предложиле измени на постојниот Закон за државјанство.

– Седум пратеници предложиле измена на Законот за државјанство на Република Северна Македонија, по скратена постапка, без претходна анализа, со цел на над 70.000 граѓани со постојан престој (овој податок никој не го проверил и потврдил) во Македонија  да им се признае македонско државјанство. При што интересна е идејата за доказ дека до 8 септември 1991 година живееле (имале постојан престој) во Македонија, покрај другото да може да се докаже и со двајца сведоци. Се работи за законска материја која е регулирана и со меѓународни конвенции, сите држави имат ригиден пристап при признавање на статус на државјанин на одредена држава, при што секаде се бараат идентични услови кои мораат да се исполнат – вели Трајанов.

Тој смета дека ваков закон, прво треба да се носи во редовна постапка, потоа треба детална анализа од страна на Владата и да има јавна расправа.

– Треба да се проценат ефектите од една таква операција и што е најважно дали навистина има 70.000 граѓани кои се без државјанство, а кои пред осми септември 1991 година прстојувале најмалку 8 години во Македонија и сл. Во законот има и други решенија кои  се спротивни на меѓународните стандарди, да се стекнува со двојно државјанство итн – вели Трајанов.

Реакциите на предлог измените се однесуваат пред се на делот во кој се вели дека со дадена изјава од тројца сведоци, државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ кои до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија можат да поднесат барање за да се стекнат со македонско државјанство.

Како скандалозен, во реакциите, се оценува и предлогот граѓанинот кој ќе добие македонско државјанство „ да владее најмалку еден од службените јазици во Република Северна Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината.”

Во врска со предожените измени претходно реагираше Димитар Апасиев од Левица кој тврди дека  овој прелог на партиите на Зијадин Села и на Африм Гаши е всушност пазар постигнат со владејачкото мнозинство вчера, само за да се обезбеди кворум за да се изгласа дневниот ред на собранискат седница. Како што објавивме претходно Собранието вчера немаше доволен број пратеници за да ја изгласа предлог одлуката на Владата за продолжување на рокот за кризна состојба на територијата на државава до 30 јуни следната година, а не се гласаше ниту за предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите, во прво читање.

„Владејачкото мнозинство го усвои шовинистичкиот предлог на Алијанса и Алтернава за контроверзни измени на Законот за државјанство по скратена постапка, со кој, на вештачки начин, се овозможува нови 70.000 Косовари да станат државјани на Македонија!? До каде (ќе) оди забеганоста на СДС?“, реагира Апасиев.

Групата пратеници што ги стокмиле измените и дополнувањата на Законот за држајанство во образложението велат дека во постојниот закон на државјанин на Македонија му е дадена можност да има и државјанство на друга држава и со истиот закон е уредено дека тие лица во земјава се сметаат исклучиво за македонски државјани, ако со меѓународен договор не е поинаку определено. Но, иако ваквата одредба е прецизна, велат предлагачите, сепак не била сеопфатна и во целост не ја отсликува моменталната состојба во државата затоа што не ги опфаќа оние кои реално до 8 септември 1991 година живеат во Македонија, а биле државјани на другите републики во поранешната СФРЈ. Оваа можност, велат седумте пратеници,  им е ускратена на тие граѓани и затоа потребно е изменување и дополнување на законот со кој ќе постои уште една законска можност за стекнување на државјанство и на оние лица кои ќе докажат дека до 8 септември 1991 година живееле во Македонија.

 

Поврзани содржини