СЕ СВЕДУВА НА НУЛА МОЖНОСТА ФАНТОМ ФИРМИ ДА ДОБИВААТ ПОВРАТ НА ДДВ Мицкоски најави старт на е-фактурата

Процесот на имплементација е организиран етапно и веќе од 1 јануари 2026 започнува пилот фазата со претставници од деловниот сектор. Задолжителната примена се очекува во третиот квартал од 2026 година.

339

Mожноста да ни се случуваат фантом фирми коишто ќе добиваат поврат на ДДВ и преку ноќ ќе бидат оттуѓувани на фантом луѓе повеќе ќе биде тешко или речиси невозможно, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска во УЈП, каде што беше најавен почетокот на примената на е-фактура од 1 јануари 2026 година.

– Генерално можеби да сумирам дека оваа е-фактура како процедура ќе значи да нема фантом фирми коишто 90, 100, 200, 300 милиони евра ќе украдат од Буџетот и од граѓаните, ако добро се применува и се работи, во што немам сомневање – рече Мицкоски.






Тој појасни и зошто досега не се воспоставил овој систем.

– После долго време, јас имам некоја меморија, дека таму некаде 2015 година се започна овој процес, за нас од нејасни причини зошто тој беше континуирано, како да кажам беше одложуван, но сфативме после некои процеси коишто овој изминат период ги откривме и отвориме зошто бил одложуван. Еве конечно денес после повеќе од 10 години добива почеток и од она што го добивме на брифингот пред оваа прес-конференција е дека првиот кик оф, значи почнувањето со софтвер компанијата за имплементација ќе биде од 1 јули – рече Мицкоски.

Управата за јавни приходи (УЈП) ја претстави националната платформа за електронско фактурирање Е-фактура. Преку овој систем, секоја безготовинска трансакција ќе биде евидентирана и контролирана во реално време, со цел зголемување на транспарентноста, дисциплината и довербата во фискалниот систем.

Како што беше соопштено на денешната промоција, Е-фактурата е двоен документ, комерцијален и автоматизиран даночен запис со кој се заменува постоечкиот модел на месечна или тримесечна пријава на податоци кон УЈП. Новиот систем овозможува информациите од секоја фактура да пристигнуваат моментално, по нејзиното издавање.

Директорката на УЈП, Елена Петрова, нагласи дека овој проект е повеќе од техничка новина.

– Имплементацијата на овој проект ќе значи и создавање на целосна подзаконска и законска регулатива. Јас верувам дека компаниите се силно заинтересирани бидејќи токму тие ќе бидат директно вклучени во процесот. Во многу разумен рок ќе го објавиме стандардот и спецификацијата на задолжителните елементи на е-фактурата, за деловниот сектор да може навремено да се подготви – рече таа.

Овој систем ќе значи административно и финансиско олеснување за компаниите со кое ќе нема веќе печатење, испраќање или чување хартиени фактури. Дополнително, особено за сопствениците на бизниси, ова ќе овозможи поголема контрола, сигурност и одговорност бидејќи секоја фактура ќе биде дигитално потпишана и ќе има електронска трага.

Министерката за економија, Гордана Димитриевска Кочовска, потенцираше дека овој систем е од огромно значење за борбата против сивата економија.

– Системот за е-фактура ќе има значаен придонес и за приватниот и за државниот сектор. Ќе ги намали трошоците, ќе овозможи подобра контрола врз целокупното работење и ќе го олесни процесот на сузбивање на сивата економија. Со оглед на тоа што ДДВ е еден од најзначајните буџетски приходи, преку е-фактурата ќе имаме подобар увид кој, кога и како фактурира, а со тоа е помала можноста за злоупотреби. Овој систем е алатка за спречување на појавите кои ги констатиравме во минатото – рече таа.

Процесот на имплементација е организиран етапно и веќе од 1 јануари 2026 започнува пилот фазата со претставници од деловниот сектор. Задолжителната примена се очекува во третиот квартал од 2026 година. Компаниите кои користат постоечки алатки на УЈП нема да мора да вршат адаптации, додека за останатите ќе биде понудена техничка помош и брза API интеграција.

УЈП најави интензивни јавни кампањи, обуки и објавување на сите релевантни документи, со цел целосна подготвеност на бизнис заедницата. Реформата е позиционирана како чекор кон трајна модернизација, фер пазарна конкуренција и засилена фискална дисциплина.

Поврзани содржини