СЕ СУДРИЈА ДВЕ ВОЗИЛА НА СКОПСКАТА ОБИКОЛНИЦА Две лица се повредени, сообраќајот се пренасочува по една лента
Две патнички возила се судрија на скопската обиколница, помеѓу клучките кон Мирковци и кон Приштина, па сообраќајот се одвива само по лентата за престигнување, информира Автомото сојузот на Македонија.
Сообраќајот на автопатот Тетово–Велес е изменет по сообраќајна незгода што попладнево се случи на делницата помеѓу клучките Мирковци и Приштина. Во незгодата учествувале две патнички моторни возила, кои по судирот останале во средната лента и во лентата за принудно запирање, се вели во информацијата на АМСМ.
Поради блокираниот дел од коловозот, возилата во моментов се пропуштаат единствено по лентата за престигнување. Надлежните служби се на терен и работат на расчистување на патот и нормализирање на сообраќајот, се вели во информацијата на АМСМ.
Од МВР ја потврдија информацијата за сообраќајката и посочија дека две лица се пренесени во Комплекс клиниките „Мајка Тереза”.
„Денеска во 16:15 часот во СВР Скопје пријавено е дека на автопатот помеѓу клучка Мирковци и клучка Приштина се случила сообраќајна незгода помеѓу две патнички моторни возила. Бидејќи возилата моментално се наоѓаат во средна лента и лента за принудно запирање, сообраќајот се одвива по лента за престигнување. Од сообраќајната незгода две лица се пренесени во Комплекс клиники „Мајка Тереза”, соопшти МВР.