СЕ СПРЕМА ПУЧ ВО ЛДП Ќе се свика вонредно собрание за промена на раководството на партијата?
Општинската организација на ЛДП Куманово, на седницата одржана на 8 ноември, со огромно мнозинство одлучи да се приклучи на Иницијативата за одржување вонреден Конгрес на партијата, тврдат анонимни членови на Либерално демократската партија.
„В недела во 12 часот, во големата сала на Општина Кисела вода, ќе се состанат две третини од општинските организации на Либерално демократската партија (ЛДП) и ќе формираат иницијативен одбор за свикување вонредно собрание на ЛДП за промена на раководството поради нивната непринципиелна пазарџиска политика и недемократско водење на партијата“.
Ова го тврдат анонимни членови на партијата.
„Тие ги повредија основните демократски постулати на работа. Во недела ќе ги претставиме нашите позиции и ставови. Неодамнешните случувања јасно укажаа на тешката криза и поделбата во партијата која неминовно може да се разреши само со свикување вонреден конгрес и смена на актуелното раководство во ЛДП. Од името на општинските организации на прес-конференција ќе се обрати Бобан Бојковски од општинската организација Куманово“, се вели во соопштението.
Општинската организација на ЛДП Куманово, тврдат анонимните членови, на седницата одржана на 8 ноември, со огромно мнозинство одлучи да се приклучи на Иницијативата за одржување вонреден Конгрес на партијата.
„Општинскиот одбор со 19 гласови за, 2 против и 1 воздржан одлучи да се обедини околу иницијативата за реформи во партијата и за задржување на либералните вредности и принципи, а против пазарџиската политика на актуелното раководство. Сметаме дека Конгресот на партијата е единствено надлежен орган кој има право да ги трасира правците на идно делување на партијата, а не поединци од раководството и од нив заробени органи кои поради лични интереси и нереализирани цели прават обид на сила да ја втурнува партијата во непринципиелни коалиции, спротивно на последните конгресни одлуки на партијата“, се додава во соопштението.
Пред неколку дена, ТВ Телма објави дека членови на ЛДП бараат Конгрес и смена на партиското раководство кое, како што тврдат, сака партијата да ја внесе во владејачката коалиција. Тие тврделе и дека пред два дена битолското ЛДП отворило дебата дали партијата да се приклучи кон владејачкото мнозинство. Поголемиот дел од присутните наводно бурно реагирале и понудата ја нарекле непринципиелна бидејќи сѐ уште не се ни симнати билбордите од коалицијата со СДСМ, но имало и неколкумина поддржувачи на идејата.
Тие тврделе и дека членството било информирано дека преговорите со владејачката ВМРО-ДПМНЕ течат и дека е во тек прецизирање на постапката, се вели во објавата на Телма.
Но, генералниот секретар на партијата, Боби Мојсоски тврдел дека ништо од ова не е точно, се вели во објавата на Телма. Во Битола биле на семинар и панел дискусија и воопшто не станало збор за понатамошното дејствување на партијата.
Претседателката на партијата, Моника Зајкова, неделава е во САД како дел од собраниската делегација која ги набљудуваше изборите.