Основното јавно обвинителство постапува по кривичната пријава за скопјанецот кој е осомничен дека и покрај изјавата дека ќе биде во самоизолација која ја потпишал при влегување во земјава на граничниот премин Табановце, се сретнал со многу луѓе и ги заразил со коронавирусот, велат од Обвинителството за Плусинфо.
Станува збор за лице со иницијали Ф.К. за кое пред два дена дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска информираше дека во континуитет остварувало средби со неговите родители, братот, неговата пријателка, а одел и во фирмата во која работел. Освен тоа, како што рече Петровска, дал лажен исказ и пред полицајците од полициската станица во Карпош кои разговарале со обвинетиот. Таму тој изјавил дека не патувал во изминатиот период.
– Кривичната пријава е пристигната и согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) постапуваме во насока на обезедување факти против лицето Ф.К. кое е осомничено за непочитување на правните прописи за време на епидемијата од заразна болест и дека извршило кривично дело со кршење на прописи и наредби – велат од Обвинителството.
Дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска завчера рече дека осомничениот скопјанец на 8 март околу 13 минути по полноќ влегол во земјава на граничниот премин Табановце. Според правните прописи, здравствена екипа на Институтот за јавно здравје веднаш го информирала за одлуките на Владата дека е прогласена епидемија од КОВИД-19.
– Тој е обврзан да биде во самоизолација со давање на своерачна изјава. Осомничениот наместо да ги почитува насоките за самоизолација се однесувал спротивно на одлуките претходно донесени од Владата со што го прекршил Кривичниот законик. Накратко, лицето Ф.К. не придржувајќи се до прописите за време на епидемија постапувајќи несовесно и неодговорно заразил повеќе лица и со тоа придонел за ширењето на епидемијата – рече Петровска во понеделникот кога најави кривична пријава за скопјанецот за кого, како што рече, постапувал себично.