СЕ СМЕНИ РАКОВОДСТВОТО НА ЦУК Ангелов замина, Аљи и Јовановски стапија на функција
Новиот директор доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување, а според Ангелов, пред него се наоѓа сериозен предизвик.
Денеска точно во 10 часот во просториите на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов и официјално ја предаде директорската функција на новоименуваниот раководител Мухамед Аљи. Новиот директор доаѓа од редовите на Дирекцијата за заштита и спасување, а според Ангелов, пред него се наоѓа сериозен предизвик.
– Верувам дека за него ќе биде тешко да го следи моето работно темпо, но исто така верувам дека е подготвен да даде сѐ од себе за побргу да навлезе во спецификите на менаџментот со кризи – изјави Ангелов по примопредавањето на функцијата.
За заменик-директор на ЦУК е именуван Трајче Јовановски, кој работи во Центарот уште од 2008 година и досега ја извршуваше функцијата помошник раководител на Секторот за аналитика, процени и стратешко планирање.
– Нека им е честит изборот на двајцата, им посакувам добро здравје и успешна работа – порача поранешниот директор Ангелов.
Смената на раководството доаѓа во период на зголемени очекувања од ЦУК за поефикасна координација на институциите во време на кризни ситуации.
Утрово Стојанче Ангелов е назначен за нов в.д. директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Како што информираше Ангелов, по претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, тој е разрешен од позицијата директор на Центарот за управување со кризи и од денеска стапува на новата функција.