СЕ СЛЕДИ СОСТОЈБАТА СО ОМИКРОН Нема затворање на границата и нови мерки
Очигледно е дека соеви ќе се јавуваат и понатаму, па затоа остануваме со овие мерки кои сметаме дека се добро дизајнирани – изјави министерот.
Иако некои европски земји преземаат некои дополнителни мерки, сепак ние остануваме на сегашните, нешто што го заклучивме на денешниот состанок на Комисијата за заразни болести, рече министерот за здравство Венко Филипче.
Тој ги сподели информациите кои ги имаат од СЗО за новата мутација омикрон која според нив е можеби полесно пренослива, иако одредени експерти велат дека сè уште има недостаток на податоци, и се смета дека според степенот на преносливоста е слична со делта сојот.
– Сметам дека рестрикција во однос на затворање на граници, како и каратини за патници кои пристигнуваат од одредени земји нема да даде ефект. Ние и досега видовме кога нов сој ќе се појави, не може да се спречи и да се ограничи на некоја територија каде било во светот. Очигледно е дека соеви ќе се јавуваат и понатаму, па затоа остануваме со овие мерки кои сметаме дека се добро дизајнирани – изјави министерот.
Тој потенцираше дека лицата кои сакаат да патуваат може тоа да го сторат како и досега за влез да се покаже негативен ПЦР и потврда за вакцинација, а истите важат и за излез со што ги штитиме и околните земји.
Филипче истакна дека на утрешната седница на влада ќе биде разгледува новиот предлог, а тоа е за стимулација на матичните лекари, а како што вели поголем број на матични лекари ја поддржуваат оваа мерка кои сметаат дека е навистина добра и една таква стимулација може добро да им дојде и да ги стимулира на тој начин да регрутираат што поголем број на нивни пациенти за вакцинација – рече министерот за здравство.
Владата на седницата на 25 ноември не донесе одлука за предлогот на Комисијата за заразни болести за задолжителна вакцинација на здравствените работници и препорака за имунизација на јавниот и приватниот сектор и побара од Комисијата дополнителни анализи и компаративни студии за предложените мерки, но и предлози за дополнителни мерки за поттик за масовна вакцинација.
На новинарски прашања за здравствената состојба на седумте преживеани од автобуската несреќа на 23 ноемви во Бугарија, Филипче кажа дека двајца патници кои досега беа на Клиниката за пластична хирургија во Скопје денеска ќе бидат пуштени на домашно лекување, а тројца се очекуваат да пристигнат од Софија до вечерва. Останатите двајца во наредниот период ќе се вратат од Бугарија.