Се штеди и во услови на криза, забележан раст и кај кредитирањето
Годишната стапка на раст на депозитите изнесува 8,4%, додека на кредитите изнесува 6,6 отсто.
Граѓаните и компаниите и во услови на здравствена криза продолжуваат да штедат но и да земаат кредити, покажуваат податоците на Народната банка (НБ).
Според податоците на Народната банка за јуни на месечна основа е забележан раст на депозитите од 1,4 отсто што се должи на растот на депозитите на двата сектори, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Годишната стапка на раст изнесува 8,4%, при поголем раст на депозитите на домаќинствата.
Вкупните кредити во јуни пораснаа за 1,4 отсто, со нешто поизразено учество на корпоративниот сектор.
Годишниот раст на вкупните кредити изнесува 6,6% и се должи на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“.
Во јуни, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките кредити и станбените кредити, како најзастапени категории, забележаа раст од 1,1% и 1,4%, на месечно ниво, и 10,0% односно 13,8%, на годишно ниво. Автомобилските кредити и натаму бележат месечен и годишен
пад од 1,3% односно 8,6%,. Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки на месечно ниво се зголемени за 0,2% односно 1,3%, додека на годишна основа остварија пад од 4,2% односно 9,4%. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, бележат месечен и годишен пад од 0,2% односно. 6,4%,.