СЕ ШИРИ ПРОТЕСТНИОТ БУНТ ВО ГРЦИЈА Трактори стигнаа и до Крит, најавена блокада и на пристаништето во Волос
Над 20 блокади ширум Грција ги блокираат границите, автопатите и пристаништата, додека земјоделците бараат субвенции и пониски трошоци.
Повеќе од една седмица земјоделците ширум Грција со трактори ги блокираат граничните премини, автопатите, патарините и клучните сообраќајни правци, а денеска нивните активности дополнително се интензивираат со над 20 активни блокади. Протестите, кои предизвикуваат значителни застои во сообраќајот, започнаа поради зголемените производствени трошоци и ниските откупни цени.
На копнените гранични премини кон Македонија, Бугарија и Турција се паркирани стотици трактори што повремено ја затвораат границата во различни периоди од денот. Сообраќајот на автомобили и камиони често запира, а застои има со часови.
Посебно критична точка е граничниот премин Евзони, каде што блокадата поставена од земјоделците од Пеонија и Јаница е активна од минатиот понеделник. Над 300 трактори ја затвораат границата неколку часа по 12 часот, како и во попладневните часови по 18 часот, а ваквата практика се очекува да продолжи и денеска. Одлуките земјоделците ги носат од ден за ден, по состаноци на нивните координативни комисии.
Главниот центар на протестот е во централна Грција, кај Никеа близу Лариса, на автопатот Солун–Атина, каде што сообраќајот е пренасочен кон споредни патишта. За денеска е најавена блокада и на тие алтернативни премини меѓу 17 и 19 часот, со што земјоделците ќе извршат дополнителен притисок врз властите.
Наредниот голем чекор се очекува во среда, кога земјоделците од Тесалија, од неколку различни блокови, планираат заеднички марш кон Волос и блокада на пристаништето.
Блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува Ламиа, Кардица и Трикала со Егнатија, а северна Грција е речиси целосно опфатена со блокови – од западниот до источниот дел на земјата. Протестите се проширија и на Пелопонез, како и на островот Крит.
Во Солун активни се неколку блокади, меѓу кои и патот кон аеродромот, Халкидики и патарините на излезот кон Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис повторно апелираше до земјоделците да се вратат на дијалог.
– Вратата на Министерството за земјоделство е и ќе остане отворена. Блокадите изразуваат притисок, но го отежнуваат секојдневието на сите – изјави Мицотакис, повикувајќи на конструктивен разговор.
Земјоделскиот бунт започна на 30 ноември како реакција на високите трошоци за производство, ниските откупни цени и скандалот со европските субвенции. Главното барање е исплата на заостанатите субвенции и намалување на производствените трошоци. Засега нема процена до кога протестите ќе продолжат.
На дел од локациите земјоделците поставија и новогодишни елки, симболична порака дека се подготвени празниците да ги поминат на улица ако надлежните не ги исполнат нивните барања.