СЕ РЕКОНСТРУИРА ВЛЕЗНАТА УЛИЦА ВО ДРАЧЕВО По 30 години улицата ќе добие атмосферска канализација

Ова е една од клучните артерии во населба Драчево, улица која што повеќе од 30 години не беше ставена на дневен ред од ниту една власт – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

778

Во скопската населба Драчево вчера почна темелна реконструкција на улицата „Славка Динкова“, со што се очекува да се реши деценискиот проблем со атмосферската канализација на оваа улица. Целосно ќе биде реконструирана улицата во должина од 1.175 метри, а воедно за прв пат на неа ќе се постави атмосферска канализација.

– Со овој проект значително се подобрува инфраструктурата за граѓаните, се олеснува движењето и пристапноста за повеќе од 30.000 граѓани кои секојдневно транзитираат по улицата „Славка Динкова“. Со реализацијата на овој проект се решава и деценискиот проблем со атмосферските води – рече градоначалничката Данела Арсовска, која вчера беше на почетокот на градежните работи.






Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски изрази задоволство од почетокот на реализацијата на овој проект, кој Град Скопје го реализира со склучен договор за меѓуопштинска соработка со Општина Кисела Вода.

– Ова е една од клучните артерии во населба Драчево, улица која што повеќе од 30 години не беше ставена на дневен ред од ниту една власт, а камо ли да беше преземен некој чекор да се реализира реконструкција – изјави Ѓорѓиевски.

Вредност на проектот е 34.379.507 денари со вклучен ДДВ, а проектот е доделен со електронска јавна аукција, при што е постигната цена дури за 30 отсто помала од проценетата.

Поврзани содржини