Се реконструира трафостаницата Битола2
Увид на текот на работите направија високи владини и локални функционери.
По 40 години, во трафостаницата ТС Битола 2, која е дел од најважниот енергетски прстен во земјава, се менува дел од старата опрема со нова, современа, истовремено и посигурна. Реконструкцијата на трафостаницата ТС Битола 2 е дел од проектот Ревитализација и модернизација на преносната мрежа, финансиран со средства од ЕБОР.
– Оваа ТС ќе биде точката од каде што ќе тргнува новата електроенергетска конекција со Република Албанија со што во полна функција ќе биде ставен електроенергетскиот коридор исток-запад што значи транзит на електрична енергија од Бугарија, преку нашата земја, до Италија. Со ова, РС Македонија ќе биде поврзана со електропреносните системи на сите соседни земји, а од тука ќе тргнува и уште еден 400 kV интерконективен далновод Битола-Флорина – изјави по денешната посета на трафостаницата рече Ева Шуклева, директорка на МЕПСО.
Со неа беа уште и вицепремиерката Радмила Шеќеринска, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, генералниот директор на ЕЛЕМ Васко Ковачевски, директорот на РЕК Битола Златко Ќурчиевски.
Според виепремиерката Шеќеринска, влогот во енергетскиот систем и производството на електричната енергија веќе ги носи видливите резултати во домашната економија.
– Знаеме дека енергетиката е столбот во развојот на економијата. РЕК е столбот на нашето производство на електрична енергија, но сега Битола продолжува да се развива како производствен, но и како преносен џин, кој што ќе ја поврзува државата и со своите соседи, но ќе дава огромна шанса и за локалната економија и за создавањето на работни места во овој крај – рече таа.