Градот Скопје започна со реконструкција на пешачкиот мост на Вардар во општина Центар. Ова е еден од објектите чија реконструкција се реализира во рамки на проектот за санација на 36 мостови, надвозници и пешачки натпатници кои се во надлежност на Град Скопје.
Дел од мостовите и натпатниците повеќе децении не се санирани, а неопходни се реконструкции на коловози, огради, пешачки и велосипедски патеки, со што значително ќе се придонесе за зголемување на безбедноста за сите учесници во сообраќајот.
Реконструкцијата на пешачкиот мост се реализира на децениско барање на граѓаните кои секојдневно го користат, а градежните работи ги изведуваат екипите на скопското јавно претпријатие „Улици и патишта“.