Се реконструира булеварот Никола Карев
Во оваа фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед осветлување од двете страни.
Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа втората фаза од изградбата и реконструкцијата на булеварот Никола Карев, на потегот од крстосницата кај касарната „Илинден“ до Момин поток, соопшти Град Скопје.
Градежни работи ќе се изведуваат на траса долга околу 1 километар, а покрај реконструкцијата на постојниот коловоз предвидено е и негово проширување на 4 сообраќајни ленти со ширина од 3,5 метри, разделно зеленило и мешани пешачко-велосипедски патеки од двете страни.
Вредноста на договорот за оваа фаза изнесува околу 160 милиони денари со вклучен ДДВ, а градежните работи се очекува да завршат во рок од 6 месеци.
Во оваа фаза од реконструкцијата, дополнително се предвидува изведба на нова атмосферска канализација, изведба на потпорен ѕид во должина од 690 метри и ново лед осветлување од двете страни. Реконструкцијата на оваа улица ќе се искористи и за замена на дел од старата и поставување на нова подземна инфраструктура онаму каде што е потребно од страна на различни субјекти, за да се избегне прекопување на новиот асфалт по завршувањето на реконструкцијата.
– Се работи за исклучително фреквентна сообраќајница која е најмногу искористена од жителите на Карпош, Центар, Чаир, Шуто Оризари, Бутел и Гази Баба, но како транзитна сообраќајница ја користат и оние кои само минуваат низ овој дел на градот. Во текот на градежната офанзива за оваа година во рекордно кратки рокови реконструирани беа дваесетина главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини – рече градоначалникот Петре Шилегов кој беше на почетокот на градежните работи..