📽️ СЕ РАЗУБАВУВА СРЦЕТО НА СКОПЈЕ Пролетна акција во Градскиот парк, најавени нови клупи, ризла и дрвја
Преку видео објава, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека започна пролетното уредување на Градскиот парк со нови патеки, клупи и дополнително озеленување.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку видео објава на социјалните мрежи информира дека започна пролетната акција за уредување на Градски парк, при што се обновуваат пешачките патеки, урбаната опрема и зеленилото.
Градоначалникот истакна дека паркот претставува едно од најзначајните места за граѓаните и најави конкретни активности кои се реализираат на терен.
– Градскиот парк е срцето на Скопје, каде градот дише, а луѓето уживаат во природата – посочи Ѓорѓиевски во објавата.
Тој информира дека во моментов се работи на уредување на пешачките патеки со поставување бела ризла, како и на обновување на урбаната опрема.
– Во овој момент ги уредуваме пешачките патеки со поставување на бела ризла и ја обновуваме урбаната опрема со нови клупи и канти за отпадоци – нагласи градоначалникот.
Според него, акцијата опфаќа и дополнително озеленување на просторот со нови садници.
– Паркот го оплеменуваме и со нови дрвја, создавајќи похумана и позелена средина за сите – додаде Ѓорѓиевски.
Во пораката тој упати и апел до граѓаните да се грижат за јавниот простор.
– Да го чуваме и да уживаме во него, затоа што ова е наше заедничко богатство кое треба да го оставиме и на идните генерации – порача градоначалникот.