СЕ РАЗГОВАРА СО ИНВЕСТИТОРИ КОИ БИ ПРОИЗВЕДУВАЛЕ ОРУЖЈЕ И ВОЕНА ОПРЕМА ВО МАКЕДОНИЈА Светски гигант од рангот на Гугл и на Фејсбук ќе купува струја од кај нас
Мицкоски оцени дека би било наивно државава да не обезбеди посебни зони кои би биле подготвени за производство на воена опрема и оружје кои ќе бидат подготвени да прифатат такви инвеститори што ќе вложат во опрема и во оружје. Пазарот на оружје, оцени премиерот, во претстојните години ќе доживее драматичен развој.
Можеби некој не успеа да ги донесе Гугл и Фејсбук, но многу веројатно еден голем светски бренд ќе купува електрична енергија произведена во Македонија, преку ветерниот парк на „Алказар енерџи“. Преговорите се во завршна фаза, а за кого станува збор ќе оставам да каже компанијата-инвеститор, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.
Како што истакна Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање, кој ќе биде гигантот што ќе набавува струја од земјава треба да се знае до крајот на август.
– Ќе оставам тоа да го соопшти компанијата-инвеститор до крајот на август. Тие се во завршна фаза на преговори. Се работи за голем бренд кој е во првите три во светот во својата индустрија и ќе користи електрична енергија од ветерниот парк на „Алказар енерџи“, од македонски ветер. Ако биде прифатена мојата сугестија, во делот на тие 300 хектари земјиште „Алказар енерџи“ да инсталира и соларни панели и батерии, тогаш ќе се користи хибриден систем на производство – истакна премиерот.
Мицкоски информира и дека до крајот на годината ќе има осум нови инвестиции, некои ќе потврдат дека почнуваат инвестиција, а некои дека имаат донесено таква одлука – за почнување инвестиција кај нас. Се размислува, подвлече премиерот, и за привлекување инвеститори кои произведуваат воена опрема и оружје, како и дека веќе се водат разговори со неколку такви компании. За оваа намена ќе бидат определни посебни зони.
– Очекувам бранот на инвестиции да се засили откако ќе ги завршиме преговорите со САД за трговијата. Имаме информација дека веќе осум инвестиции до крајот на годината се потврдени дека или почнуваат или имаат донесено одлука за почнување инвестиција кај нас. Ова е последната информација што ја добив од директорот на ТИРЗ. Тој ме информираше за две добри вести, но нека се потврдат деновиве па ќе ги објавиме во јавноста. Едната вест е дека компанија од фарма бизнисот за 60 отсто ќе ја зголеми инвестицијата, а втората е дека е потврдена компанија за производство на батерии. Покрај овие осум инвестиции, очекувам и инвестиции од компаниите присутни кај нас и такви очекувам најмалку три кои ќе го зголемат извозот за најмалку половина милијарда долари – рече премиерот Мицкоски.
Според него, Владата продолжува да биде партнер на странските инвеститори.
– Тие гледаат дека климата и односот се сменети и поразлични, дека сакаме да помогнеме и дека подаваме рака. Но, покрај стандардното портфолио – автомобилската индустрија, сега се обидуваме да привлечеме и компании во фарма делот и медицината (производство на стентови) – истакна Мицкоски.
Тој оцени дека би било наивно државава да не обезбеди посебни зони кои би биле подготвени за производство на воена опрема и оружје кои ќе бидат подготвени да прифатат такви инвеститори што ќе вложат во опрема и во оружје. Пазарот на оружје, оцени премиерот, во претстојните години ќе доживее драматичен развој.
– Веќе имаме разговори со неколку такви потенцијални инвеститори кои ја препознаваат земјава како домаќин и ние сакаме да определиме локации за такви зони, тоа драматично позитивно ќе влијае на нашиот БДП – рече премиерот.
Во однос на домашните инвеститори тој нагласи дека е зголемен растот на кредитите во првиот квартал и изнесува 11,8 отсто, за разлика од 2018 година, на пример, кога бил 5,4 отсто или во 2019 кога изнесувал 6 отсто.
– Бројката е дуплирана. Тоа вели дека има интерес од домашните инвеститори, а тоа е најмногу благодарение на унгарскиот кредит и ниската камата – нагласи Мицкоски.