СЕ РАЗБУДИВ КАКО БЕБЕ КОМУ АПАШИТЕ СОСЕ ЦУЦЛАТА МУ ГО УКРАЛЕ И МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК Крикот на поетот Ристо Лазаров во „Чинук“

Поетот Лазаров не е имун на дневните политички и општествени случувања. Напротив тој е мошне трогнат и замислен над „нигдината“ врз која освен „солзокап“ се ројат мисли за кои нема вакцина, а Господ умре и ги остави поетите во недоумица дали тие навистина ќе го спасат светот.

549

Довери им се на стиховите кога немаш кому да ги изложиш своите најинтимни беспаќа, безизлези, напатености, копнежи и надежи. Поетот Ристо Лазаров токму тоа го прави во својата најнова збирка поезија „Чинук“ издадена од Дијалог, годинава.

Лазаров, кој е познат по своите кованици од зборови, овој пат ни доближува еден нов збор „чинук“, кој е име на ветер од фенски карактер (фен е ветер кој дува од планините и носи потопло време) кој дува во Северна Америка, а називот го добил по индијанското племе Чинук.

Истоимената песна „Чинук“ претставува вовед во збирката, која содржи седум циклуси.






Поетот ја потврдува својата општествена ангажираност и во оваа збирка, најавувајќи дека ќе пее за „време на преименувања“, за „Луѓето немоќни, сувооки/дерман немаат од чинук ветрот/во главите им влегол, сув“, за јунакот што се бара да го одгатне прекрстувањето на ветрот.

Во првиот циклус насловен Дублети поетот поврзува слични имиња на дрвја со географски места. На пример, Бреза/Брезово, Бука/Буково, Даб/Две Дабници, едно Дабиље, Јасика/Јасеново. Во овие песни се присутни мотиви од народната поезија, но тие испраќаат силни пораки како „минатото не е на продажба“ и уште поголеми дилеми „а тие што мислат – пеат ли?“

Песните од циклусот „Стар џез“ ги откриваат најдлабоките стравувања и дилеми на поетот загрижен за сегашноста и за иднината на татковината, од сите страни обремената со бројни тегови и тегчиња, кои ја растргнуваат дотаму што не се знае кој ѝ ја пишува новата историја во учебниците. Има ли воопшто нешто на крајот од тунелот, се прашува авторот.

Никој не го купува/ни на старо, секојдневието“, „Границите затворени од дијалектиката/а плоштадите преполни со дијалекти.“ „Нема кој да не се прашува/има ли воопшто нешто/на крајот од тунелот?“
„Медена земја сме биле/а никој да не види дека сме сардисани/од пчели, муви, а и од мувосерки“.
„Медена земја сме биле/без млеко, а со вселенска вртоглавица/и со многу, многу лепливи прсти“.
„Се разбудив како бебе/кому апашите сосе цуцлата/му го украле и мајчиниот јазик“, крикнува Лазаров.

Љубовта, сиромаштијата, градовите, туристите, познатите улички низ кои шетале Кафка, Кундера, многумина историски личности и ликови си наоѓаат свое место во стиховите на Лазаров.
„Слегувајќи по Златната уличка во Прага/мнозина се прашуваат кога светот ќе стане поинаков…“

Лазаров исто така стравува од „неконтролирана инфлација/од шупливи мисли“, по што заклучува дека „не бива бесконечно да се живее во страв“, како и дека „му нема спас на светот/со Господ и без Господ“.

Поетот Лазаров не е имун на дневните политички и општествени случувања. Напротив тој е мошне трогнат и замислен над „нигдината“ врз која освен „солзокап“ се ројат мисли за кои нема вакцина, а Господ умре и ги остави поетите во недоумица дали тие навистина ќе го спасат светот.

Поврзани содржини