СЕ РАБОТИ НА ПРОЕКТ ЗА ДА СЕ СПОЈАТ ЗАЕДНИЧКИТЕ СЛУЖБИ НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР Реновиран одделот за неврофизиологија

Обезбедени се 38 финансиски согласности за вработување на Клиниката за неврологија од кои 25 се веќе реализирани.

0

Пуштен е во употреба реновираниот оддел за неврофизиологија на Клиниката за неврологија во Скопје. Вкупно реконструирани се 891 метар квадратен, а по оваа фаза, следува и реновирањето на покривот и на фасадата.

– Од слепо црево на Клиничкиот центар, овој објект стана функционална зграда. Целосно е обновен внатрешниот дел на Клиниката, а во следната фаза ќе се реконструираат и кровот и фасадата. Од запуштен објект добиваме функционална средина, попријатна за работа на медицинскиот персонал, но што е најбитно, и за пациентите. Напорно работевме покрај просторните услови да го подобриме и капацитетот на лекарите и останатиот персонал – изјави директорот на Клиниката, Јован Божиновски.






Обезбедени се 38 финансиски согласности за вработување од кои 25 се веќе реализирани.

– Исклучително сум задоволен што уште еден проект е завршен, уште еден објект може да понуди поквалитетни услови за пациентите, нешто што со децении не било помислено да се направи, а еве, се заврши – рече премиерот Христијан Мицкоски по пуштањето во употреба на реновираната зграда на Клиниката за неврологија.

Мицкоски најави дека се работи и на проект со кој што ќе се консолидираат конечно општите и заеднички служби при Клиничкиот центар во Скопје.

Премиерот нагласи дека изградбата на нов Клинички центар е приоритет.

– Продолжуваме и понатаму да работиме во делот на соодветна локација и преговори со приватни сопственици за на таа локација да изградиме еден нов голем клинички центар, ја знаете локацијата која е. Така што сето ова очекувам во периодот кој што следи да биде завршено и на тој начин да продолжиме со инвестиции во рамките на здравството – рече Мицкоски.

Поврзани содржини