СЕ ПРЕТСТАВИЛА КАКО ПОПИШУВАЧ И ГИ ОГРАБИЛА Итра скопјанка смислила стратегија како да дојде до пари

Влегла во две куќи претставувајќи се како попишувач од пописна комисија, а на сопствениците им барала сертификат за вакцинација и додека тие го барале сертификатот, таа им ги одзела паричниците во кои имало банкарски картички, соопшти Јавното обвинителство.

482

Основното јавно обвинителство поведе постапка против 35-годишна скопјанка која само во септември извршила шест тешки и дрски кражби, а на жртвите им се претставувала како медицинска сестра или како попишувач.

„Осомничената, на 3 септември, на автобуска постојка кај пазарот во населбата Ченто, се доближила до една оштетена и по краток разговор со неа, искористила момент на невнимание и ѝ ја одзела торбата во која имало паричник со картичка и пари, како и еден дуксер, во вкупна вредност од 6.000 денари. На 8 септември, пријавената дошла во куќа на улица ’Кавадарска‘ во Скопје, на сопственикот му се претставила како медицинска сестра која дошла да го прегледа и да му стави облоги на нозете. Додека тој се подготвувал за преглед, таа од домот украла паричник со 16.000 денари. На 9 и 10 септември, пак, влегла во два дома, претставувајќи се како попишувач од пописна комисија. На сопствениците им барала сертификат за вакцинација и додека тие го барале сертификатот, им ги одзела паричниците во кои имало банкарски картички. Во куќата на друга оштетена, на 14 септември, осомничената се претставила како внука на сосетката, па искористувајќи момент кога сопственичката на кратко ја напуштила просторијата, одзела паричник со околу 3.000 денари. На 21 септември осомничената се доближила до една оштетена пред аптека во Сингелиќ, ја замолила да ѝ даде пари за лекови, па ѝ го грабнала паричникот, стекнувајќи се со противправна имотна корист од 3.000 денари“, се вели во соопштението на скопското Јавно обвинителство.






Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничената, бидејќи постои опасност таа да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон.​​

Поврзани содржини