СЕ ПРЕСУДУВА ВРЗ ОСНОВА НА ДОКАЗИ, А НЕ СО ПРЕТПОСТАВКИ И СО КОНСТРУКЦИИ Адвокатите бараат ослободителни пресуди за Видевски, Кешишев и за Ѓорчевски
Бранителите Бојан Манев, Игор Ефремов и Владимир Туфегџиќ сметаат дека дале доволно аргументи за невинста на нивните клиенти за киднапирањата и за убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска и бараат ослободителни пресуди од Кривичниот суд, затоа што, како што истакнаа, Јавното обвинителсто не прикажало докази за нивната вина.
Тројцата бранители Бојан Манев, Игор Ефремов и Владимир Туфегџиќ во изјави за медиумите по завршните зборови во Кривичниот суд повторија дека очекуваат ослободителни пресуди за своите клиенти во врска со грабнувањата и убиствата на Панче Жежовски и на Вања Ѓорчевска.
Адвокатот Манев рече дека бара ослободителна пресуда за третообвинетиот Боре Видевски од Велес врз основа на сите аргументи што ги наведе во завршниот збор, а најмногу врз тоа што Јавното обвинителство не докажа со ниту еден доказ дека Видевски е поврзан со кривично-правните настани кои му се ставаат на товар.
– Во завршниот збор детално ги објаснив причините зошто го побарав тоа. Детаљно анализирав доказ по доказ, изјава по изјава, и образложив зошто сметам дека Обвинителството со ништо не ја докажа поврзаноста на Боре Видевски со кривично-правните настани. Напротив, Јавното обвинителство во целата постапка се базираше само претпоставки, конструирани изјави, изнудени признанија и искази на двајца обвинети. Конкретен доказ за вмешаност на обвинетиот Видевски, конкретна снимка со прикажан негов лик, конкретен каков било материјален доказ во вид на трага од ДНК или нешто друго ние не видовме на сите досегашни рочишта. Затоа сметам дека Јавното обвинителство најмногу погреши во оваа постапка. Имаме едно конструирано обвинение коешто мислам дека ќе падне во пресудата и дека ќе добиеме ослободителна пресуда – рече бранителот Манев.
Прашан за алибито на Видевски за 22 ноември и за 27 ноември 2023 година, кога беа убиени Панче и Вања, тој рече дека Боре детално образложи каде бил за време на злосторствата.
– За време на убиството на Панче тој се наоѓа на работното место, за што беа посочени и двајца сведоци, колеги кои работат со него во канцеларија, уште во неговиот исказ во ЈО пред повеќе од 20 месеци. Но, тие сведоци не беа повикани од јавните обвинители на судењето. Во времето на убиството на малолетното девојче, тој се наоѓа во штабот на партијата Десна – рече Манев.
Адвокатот Игор Ефремов, исто така, рече дека неговиот клиент, четвртообвинетиот Влатко Кешишев, треба да биде ослободен од обвиненијата.
– Сметам дека Кешишев треба да биде ослободен од обвиненијата што му се ставаат на товар, во делот на две кривични дела убиство и едно кривично дело грабнување, извршено во Велес, врз оштетениот Панче Жежовски. Тој нема преземени никакви дејствија, ниту како извршител, ниту како соизвршител на овие кривични дела. Особено претпоставувам дека судот ќе го има в предвид неговиот страв, неговото заложништво и потчинетост во однос на првообвинетиот Палевски, поради што и дејствувал по наредбите на Палевски. Единствено за кое самиот Кешишев потврди дека имал учество е грабнувањето на оштетената Вања Ѓорчевска. Но, и овде нема основи за со извршителство, уште помалку има основи за обвинение и пресуда за убиството на Вања Ѓорчевска – рече адвокатот Ефремов.
На прашање зошто смета дека Кешишев дејствувал од потчинетост кон Палевски, рече дека тој чувствувал страв и за време на постапката.
– Чувствуваше страв и бараше да даде исказ пред судот во отсуство на Палевски. Понатаму, Кешишев достави до судот некоја изјава во која си зема туѓ товар на свој грб, ставајќи се на места и преземајќи ги на себе дејствијата кои не ги сторил. Истиот посочи и дека во периодот додека бил во партијата Десна се однесувал согласно дадените наредби на Палевски – рече адвокатот Ефремов.
Бранителот Владимир Туфегџиќ повтори дека против неговиот клиент Александар Ѓорчевски Обвинителството не изнело ниеден доказ. Тој рече дека очекува судот во својата одлука да не се раководи од трошоците за постапката кои треба да му припаднат на Александар по завршувањето на постапката и по објавувањето на ослободителната пресуда.