СЕ ПРЕГОВАРА СО СЕРИОЗЕН ИНВЕСТИТОР ЗА ПОПОВА ШАПКА Мицкоски најавува изградба и на нова жичарница
Според премиерот, локацијата има значајни предности, меѓу кои и близината до меѓународен аеродром, од каде што за околу 45 минути туристите можат да бидат на ски-патеките. Дополнително, неколку месеци во годината има природен снег.
Владата работи на создавање услови за сериозна инвестиција на Попова Шапка која ќе овозможи овој ски-центар да стане еден од најубавите туристички центри во овој дел од Европа, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
– Станува збор за многу сериозни инвеститори. Работите не секогаш се случуваат толку брзо колку што би сакале, но оптимист сум дека ќе успееме во крајната цел – Попова Шапка да биде најубавиот туристички центар во овој дел од Европа – рече Мицкоски за ТВ21.
Тој посочи дека локацијата има значајни предности, меѓу кои и близината до меѓународен аеродром, од каде што за околу 45 минути туристите можат да бидат на ски-патеките. Дополнително, неколку месеци во годината има природен снег.
– Потенцијалот е огромен, но потребен е јасен и прецизен план пред да се влезе во финален договор – рече Мицкоски.
Тој рече и дека се разгледува и опција за изградба на нова жичариница и појасни дека таа не би се градела по трасата на старата жичара од Тетово.
– Се разгледува нова локација, но за деталите ќе зборуваме кога ќе дојде време – рече Мицкоски.
Телевизија дознава дека инвеститорот за кој зборува премиерот Мицковски, а кој претходно го спомена градоначалникот на Тетово Билал Касами, е од Катар
Последните години, речиси секоја влада имаше план да донесе инвеститор за Попова Шапка. Последната најава беше на претходната вада која преговараше со италијанската компанија „Техно Алпин“ која презентираше и план за развој на скијачкиот центар од 168 милиони евра. Инвестицијата не се реализира.