Во изработка е апликација за следење на лицата кои се во изолација, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање од Плусинфо на денешната прес конференција.
– Да, тоа е нешто што го работиме заедно со Министерството за информатичко општество и администрација. Веќе се изработува една апликација по примерот на повеќе европски земји. Мислам дека може многу да користи, посебно во некои делови од земјата. Веднаш по нејзиното изработување таа ќе биде достапна на јавноста – рече Филипче.
Според мислењата на стручната комисија, лицата кај кои е поминато времето на инкубација и ако немаат симптоми, не треба да бидат тестирани по истекот на 14-дневната изолација.
– Стручната комисија смета дека по 14 дена ако граѓанинот нема симптоми не треба да биде тестиран. Така се постапува со сите на кои им е дадена препорака за 14-дневна изолација. Имаше повеќе опции кои се разгледуваа во однос на луѓето кои се во државен карантин и во домашна самоизолација и за сите важи истото – рече Филипче.
Со оглед што се зголеми времето на чекање за тестирање поради многуте закажувања преку матичните лекари, од денеска се дуплираат пунктовите во Скопје, како и во другите градови низ земјата.
– Постои алгоритам преку матичните лекари доколку е прашањето за итни случаи тогаш е секогаш отворена Инфективната клиника каде ќе се направи преглед и ќе се индицира тестирање. Има 24 часа дежурни лекари за земање материјал – рече Филипче.
Тој нагласи дека здравствениот систем е спремен да прими многу повеќе пациенти.
– Мислам дека сме спремни за пикот кој го очекуваме на крајот на април – додаде тој.
Во однос на резулататите од комбинираната терапија што се применува кај одредени пациенти на Инфективната клиника Филипче рече дека ќе ги евалуираат во текот на неделава.
– Има ретки случаи за повторна зараза, такви публикации доаѓаат, пред сѐ, од Кина – рече министерот.
Во однос на специјализантите од Инфективното одделние во Охридската болница Филипче рече дека ќе бида парично казнети.
– Дефицитот на лекари не е амнестија од одговорност. Станува збро за парични казни, чекаме да заврши целиот процес кој вклучува и стручна супервизија од страна на Лекарската комора – рече тој.
На прашање како најчесто се пренесува вирусот кај нас, министерот рече:
– Вообичаени патишта на пренос се преку капки поради што се препорачува социјалната дистанца и секако преку нечисти раце.
Во земјава има 60-тина епидемиолози од кои 23 на Клиниката за инфективни болести, а другите во одделенијата ширум државата.