Се полнат болниците, наскоро и ковид центарот на Клиниката ОРЛ ќе прима болни со ковид-19
Само во последните 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 28 нови пациенти поради компликации од корона вирусот.
Вкупно 426 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Само во последните 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 28 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Во ковид центрите сѐ уште има слободни кревети.
Овие информации денеска ги пласира Министерството за здравство.
Оттаму додаваат дека и покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, слободни места во моментов има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември.
– Од вчера пациенти сомнителни и потврдени за ковид- 19 се примаат и во ковид центарот на Клиниката за нефрологија. Таму во моментов се сместени осум пациенти и има уште 17 слободни кревети. Во наредните неколку дена ќе почне да роабити и ковид центарот на Клиниката ОРЛ – информираат од Министерството за здравство.