СЕ ПОЈАВИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВО БЕГСТВО Ќе бев обесен пред очите на Авганистанците, побегнав по папучи
Гани беше жестоко критикуван од поранешните министри за напуштање на земјата кога талибанските сили во неделата влегоа во Кабул.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани, кој од завчера се наоѓа во егзил во Обединетите Арапски Емирати, денеска излезе со прва изјава по бегството од земјата и објасни дека го напуштил Кабул за да спречи крвопролевање и ги отфрли извештаите дека ја напуштил претседателската палата со голема сума пари.
– При напуштањето на претседателската палата не успеав дури да ги соблечам папучите и да облечам чевли. Моите лични работи како книги, моите прибелешки и комјутерот не можев да ги земам – рече Гани.
Гани беше жестоко критикуван од поранешните министри за напуштање на земјата кога талибанските сили во неделата влегоа во Кабул.
– Да останев ќе бев сведок на крвопролевање во Кабул. Не сакав крвопролевање во Кабул да започне како во Сирија и Јемен, па решив да заминам. Да останев претседател на Авганистан, се што се случи пред 25 години ќе се повтореше. Ќе бев обесен пред очите на Авганистанците и ова ќе беше страшна катастрофа во нашата историја. Не се плашам од чесна смрт, обесчестувањето на Авганистан не ми беше прифатливо, но морав. Бев изнесен од Авганистан за да избегнам крвопролевање и уништување – рече Гани во видео пораката објавена на Фејсбук, што е негов прв јавен коментар откако беше потврдено дека тој се наоѓа во Емиратите.
Гани, исто така, кажа дека ги поддржува преговорите меѓу талибанците кои ја презедоа власта во Кабул и поранешните високи авганистански функционери, додавајќи дека „преговара за враќање во својата земја од која избега“, пренесуваат француските медиуми.
– Ја поддржувам иницијативата на владата за преговори со (поранешниот потпретседател) Абдула Абдула и поранешниот претседател Хамид Карзаи. Посакувам овој процес да биде успешен – рече тој во видео пораката.
Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати попладнево потврди дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани се наоѓа во оваа заливска земја.
Гани избега од земјата во неделата попладне кога талибанците влегоа во Кабул, но засега никој не знаеше каде се наоѓа.
Авганистанскиот амбасадор во Таџикистан денеска излезе со податокот дека Гани со себе зел 169 милиони долари. Тој го нарече бегството на Гани „предавство на татковината и народот“, пренесува Би -Би -Си.