СЕ ПОДОБРУВА БЕЗБЕДНОСТА НА ХРАНАТА ВО ДОМОВИТЕ ЗА СТАРИ ЛИЦА Во последната вонредна контрола уништени се само 6 килограми храна
Еден оператор со храна не ги задоволувал хигиенските барања за безбедност на храната, а 4 од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен здравствен преглед за вработените лица.
Четири оператори за храна во домовите за стари лица поради прекршоци од поголем обем ќе треба да платат 1.550 евра, а само од еден оператор поседувал 6 килограми небезбедна храна која е уништена.
Ова е резултатот од 39 вонредни контроли на инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведена месецов во домови за стари лица во земјава.
Со контролите е утврдено дека само еден од операторите за храна не бил регистриран за што му е изречена времена забрана за работа, глоба и даден е налог за негова регистрација во Агенцијата, додека 4 од контролираните домови за стари лица немале спроведено задолжителен здравствен преглед за вработените лица.
-За утврдените недоследности кои се однесувале и на нередовно водење на записи за добра хигиенска и добра производствена пракса, недоставување на увид сертификати за спроведени обуки од областа на хигиената на храна, евиденција за набавки, доцнење со спроведување на задолжителни мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација и други помали недоследности, издадени се и 3 решенија со наредби за нивно отстранување и две опомени – велат од АХВ.
Од Агенцијата велат дека овие вонредни контроли на домовите за стари лица покажуваат драстично подобрување во последните две години.
– Во вонредните контроли кај домовите за стари лица во ноември 2024 година, инспекторите утврдија дека 14 домови за стари лица не беа регистрирани како оператори со храна во АХВ, а нештетно уништени беа 40 килограми небезбедна храна. Издадени беа 16 решенија со наредби за отстранување на утврдени недоследности, а парични казни изречени беа на 18 домови за стари лица – наведоа од АХВ.