СЕ ПОДГОТВУВА ТЕРЕН ЗА ВЛЕЗ НА УНГАРСКИ „4иГ“ НА МОБИЛНИОТ ПАЗАР Почна постапката за јавна расправа за спроведување тендер

Заинтересираните компании, писмо за искажување интерес треба да достават до АЕК до 16 мај годинава, а од резултатот на јавната расправа согласно Законот за електронски комуникации  ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тендерот.

76

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави намера за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.

АЕК, како што се наведува во објавата, има намера да издаде ограничен број на одобренија за користење на радиофреквенции, односно писмата за искажување интерес од страна на постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком) нема да бидат земени предвид.






Заинтересираните компании, писмо за искажување интерес треба да достават до АЕК до 16 мај годинава, а од резултатот на јавната расправа согласно Законот за електронски комуникации  ќе се одлучува за идните чекори за објавата на тендерот.

Агенцијата планира да додели по едно одобрение за користење радиофреквенции во опсегот 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.

Предмет на јавниот тендер се:  2х10 MHz во фреквентен опсег 694-790 MHz, и тоа 703-713/758-768 MHz, 2×10 MHz во фреквентен опсег 1710-1785/1805-1880 MHz, и тоа 1775-1785/1870-1880 MHz и 100 MHz во фреквентен опсег 3400-3800 MHz, и тоа 3500-3600 MHz.

АЕК предлага висината на најнискиот износ на еднократниот надомест да изнесува 4.200.000 евра за одобрението А1 во фреквентен опсег 700 MHz, 1.500.000 евра за одобрението Б1 за  фреквентен опсег 1800 MHz, 2.320.000 за одобрението Ц1 за фреквентен опсег  3400-3800 MHz.

Рокот на важност на одобренијата за користење на радиофреквенции А1 и С1, ќе биде 12 години, односно до 2037 година, а на одобрението  В1 8 години, до 2033 година, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператори.

Носителот на одобрението мора да започне со користење на доделените радиофреквенции најдоцна во рок од 1 година од датумот на отпочнување на важност на одобрението.

Операторот што ќе добие одобрение е должен да ја обезбеди покриеност на најмалку еден град со 5G сигнал до крајот на 2026 година. До крајот на 2028 година, главните коридори согласно Договорот за основање на транспортна заедница на основната и сеопфатна патна мрежа во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал, а до крајот на 2030 година сите градови во државата да бидат покриени со непрекинат 5G сигнал.  До крајот на 2032 година, секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5G со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 Mbps.

Групацијата „4иГ“, преку својата подружница ОНЕ Македонија Телекомуникации, на 17 декември лани официјално достави писмо за намери до АЕК, каде изрази интерес за обезбедување на достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државава.

Податоците за уделот на мобилните оператори на пазарот на мобилна телефонија по број на активни претплатници заклучно со 30 септември лани  покажуваат дека А1 Македонија учествува со 47,71%, Македонски Телеком со 46,66%, Лајкамобајл има пазарен удел од 3,12%, Телекабел од 1,20%, МТЕЛ од 1,21%, додека Греен Мобиле има пазарен удел од 0,10%.

Пристап до интернет со широк и тесен опсег преку мобилни мрежи (2G/3G/4G) имаат 1.732.063 претплатници, а пристап до интернет со широк опсег 544.937.

Поврзани содржини