Одлуката за повторното отворање на аеродормите ќе биде дел од отворањето на граничните премини што ќе се носи откако Комисијата за заразни болести ќе направи соодветни протоколи за влез и излез во државата за што денеска доби задолжение од Владата која усвои олабавување на повеќе рестриктивни мерки меѓу кои укинување на полицискиот час и повторно отворање на угостителските објекти.
– Дадов задолжение до Комисијата за заразни болести да направат соодветни протоколи за влез и излез и на територијата и од територијата на Република Северна Македонија и тогаш ќе ја носиме заедничката одлука кога ќе се отворат граничните премини и кога ќе се отворат и аеродромите односно граничните премини коишто се наоѓаат на нашиот меѓународен аеродром или на аеродромот во Охрид – информира премиерот Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција по владината седница.
Во однос на превозот на патници, како што рече, веќе е донесена Уредба како и на кој начин да се врши јавниот превоз.
– Важно е во возилата да имаме толку патници колку ќе се овозможи доволна дистанца помеѓу патниците, да имаат заштитна опрема и на таков начин да се спроведува јавниот превоз – потенцира Спасовски.
Како што информира, породилното боледување со Уредба е продолжено додека трае вонредната состојба, а ќе се анализира барањето тоа да се продолжи до септември.
– Додека имаме вонредна состојба тие кои се на породилно боледување остануваат на породилно боледување. Секако дека добив и барање, односно допис којшто го доставија до Владата се однесува на барањето да се продолжи тоа и до месец септември. Ќе направиме анализи, не го исклучуваме и тој момент дека можеби треба да се прифати, дека е тоа оправдано итн., и на основа на тие аргументи коишто ќе ги утврдиме секако дека ќе донесеме решение кое што е најповолно за оние лица коишто се на породилно боледување. Така што, ако кажувавме дека ни е приоритет животот, здравјето итн., верувајте дека приоритет ни е и иднината, а децата се иднината на оваа држава, тогаш верувајте дека оваа мерка без некакви големи дискусии може да се донесе доколку имаме потреба од такво нешто – информира Спасовски.
Со мерките за олабавување што ги усвои денеска попладне Владата е предвидено од задутре да почнат со работа повторно угостителските објекти, но, како што појасни министерот за здравство Венко Филипче, повторното целосно функционирање вклучително и организирањето свадби ќе оди постепено и врз основца на следење на епидемиолошката состојба.
За се, потенцираше, има идеја и план и протокол, меѓутоа главната работа е што во сето ова одиме постепено и затоа вака постепено се отвораат угостителските објекти, па понатаму хотелите и организацијата на угостителските објекти во рамки на хотелите и во рамките на сите други објекти таму каде што функционираат.
– Во следниот период интензивно ќе ја следиме епидемиолошката ситуација, бројките итн., и сето тоа ќе резултира на крај со дефинитивно отворање и пуштање во функција на се што сега во овој момент не функционира. Оваа стратегија на постепено враќање во функција сметаме дека е добра, тоа е нешто што го прават и сите други земји во светот за евентуално да не се случи нешто што е непредвидено и да биде максимално епидемиолошката ситуација под целосна контрола – укажа Филипче, во одговор на новинарско прашање.