СЕ ПОБЛИСКУ СМЕ ДО „РОАМИНГ КАКО ДОМА“ СО ЕУ Законските измени во февруари ќе се најдат пред пратениците
Министерството за дигитална трансформација очекува дека Владата ќе го утврди текстот на законот до крајот на месецот, а во февруари тој ќе се најде во собраниска процедура и ќе биде усвоен.
Со последните измени и дополнувања на Законот за електронски комуникации кои се во владина процедура Македонија ги исполнува правните обврски за усогласување со европските стандарди во областа на роамингот, со јасна цел – повеќе заштита, поголема транспарентност и пониски и предвидливи трошоци за граѓаните при користење мобилни услуги во роаминг во земјите членки на Европската Унија, информира Министерството за дигитална трансформација.
Оттаму додаваат дека измените и дополнувањата на Законот за електронски комуникации (ЗЕК) се влезени во владина процедура и истите се објавени на ЕНЕР.
Министерството за дигитална трансформација очекува дека Владата ќе го утврди текстот на законот до крајот на месецот, а во февруари тој ќе се најде во собраниска процедура и ќе биде усвоен.
-Со измените и дополнувањата на ЗЕК се создаваат услови за воспоставување јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите, зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации, укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство – велат од Министерството.
Оттаму посочуваат и дека со предложените измени се врши усогласување со неколку европски директиви кои го регулираат прашањето.
По усвојување на измените на законот за електронски комуникации, ќе се донесат и 3 подзаконски акти од Агенцијата за електронски комуникации, по што сите овие активности ќе бидат споделени со Европската комисија на нивна валидација.
На овој начин, македонските граѓани ќе ги уживаат придобивките од единствената европска роаминг зона, без дополнителни непредвидени давачки и трошоци, на ист начин како граѓаните на ЕУ.
Земјава е дел од регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, со кој граѓаните користат мобилни услуги во земјите од регионот под услови како дома, без дополнителни роаминг-трошоци.