СЕ ОТВОРА ГОЛЕМА МОЖНОСТ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ Државата потпиша клучен меморандум со 7 земји од ЕУ

Како што појасни министерката за финансии, во исто време се проширува и пазарот, осносно хартиите од вредност на македонските компании ќе можат да ги купуваат и граѓаните од другите 7 земји членки на ЕУ со кои Македонија го потпиша Меморандумот за соработка за развој на пазарите на капитал. Граѓаните од Македонија исто така ќе можат да инвестираат во компаниите од овие земји.

320

Македонија е единствена земја која не е членка на Европската унија, а сепак потпиша Меморандум за соработка за развој на пазарите на капитал заедно со уште седум земји членки на ЕУ, кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Дневникот на ТВ Сител.

– Тоа е еден од најзначајните исчекори на Министерството за финансии во последниот период, особено затоа што е насочен кон приватниот сектор. Зошто ова е важно? Кога зборуваме за пазар на капитал, обично се мисли само на берзата како место за купопродажба на акции. Но, суштината на овој Меморандум е многу поголема – тој овозможува формирање пазар на кој ќе може да се тргува и со новоиздадени хартии од вредност, не само со акции, туку и со обврзници. Тоа отвора огромна можност за македонските компании кои тешко обезбедуваат финансирање од банките – сега ќе имаат алтернатива да издадат сопствени обврзници или акции – кажа Димитриеска-Кочоска.






Како што појасни министерката во исто време се проширува и пазарот, осносно хартиите од вредност на македонските компании ќе можат да ги купуваат и граѓаните од другите седум земји членки на ЕУ, а нашите граѓани ќе имаат можност да инвестираат во нивните компании.

– На тој начин се создава интегриран пазар на капитал – нешто што одамна функционира во САД, но во Европа сè уште е ограничено. Оваа иницијатива, која ја покрена Министерството за финансии на Хрватска, е навистина голем чекор за сите осум земји. Следува процес на усогласување на законите и правилниците, а очекуваме за една до две години првите компании да започнат да издаваат хартии од вредност, а инвеститорите – и домашни и странски – да можат да инвестираат во нив – потенцираше Димитриеска-Кочоска и дополни дека е горда што што Македонија е дел од оваа иницијатива, бидејќи таа е пред сè насочена кон тоа да им помогне на компаниите полесно да дојдат до финансиски средства и да создадеме подинамичен пазар на капитал.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија во понеделникот во Загреб го потпишаа Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал.

Поврзани содржини