Се огласи Сејдини, претседателот на ФФМ: Нѐ доведоа до финансиски крах, уште лани пријавив сомнение за криминал
Последиците од тоа, тие луѓе ќе мора да ги сносат. Мене ми е најважно што како Федерација го пребродивме периодот кога за нечии сметки бевме доведени речиси до финансиски крах, но не дозволивме репрезентациите и фудбалското семејство да почуствуваат дека нешто драматично се случува - вели Сејдини.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини, се огласи во врска со поднесената кривична пријава против лица поврзани со ФФМ од Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Во реакцијата на Сејдини се нагласува:
– Како претседател на Фудбалската федерација на Македонија, на 10. октомври 2019 година пријавив сомнение за сторен финансиски криминал до државните истражни органи поврзан со злоупотреба на службената положба и овластување, за перење пари и други приноси од казниво дело и измама во службата од страна на поранешната раководителка на финансискиот оддел во ФФМ и Н.Н. лица.
И тогаш кога пријавивме сомнение за проневера, но и сега, мојот и секако ставот на Федерацијата е дека единствено институциите, односно во овој случај, Јавното обвинителство и истражните органи треба да ја водат истрагата пријавена од наша страна, а ние сме должни да соработуваме и да ги доставиме сите потребни документи до истражните органи за расчистување на целиот процес.
На Генералното Собрание на ФФМ одржано пред две седмици, јас, како претседател на Фудбалската федерација на Македонија реков пред присутните, и ќе повторам, дека како човек кој долго време работи во фудбалот во Македонија, до минатата година мислев дека доволно и добро ги познавам и соблекувалните и стадионите и канцелариите и внатре и однадвор, но и луѓето – вели Сејдини.
Тој порачува:
– За сѐ друго, одговорноста е на државните институции и судските органи и се разбира на оние кои работеле спротивно на законите. Последиците од тоа, тие луѓе ќе мора да ги сносат. Мене ми е најважно што како Федерација го пребродивме периодот кога за нечии сметки бевме доведени речиси до финансиски крах, но не дозволивме репрезентациите и фудбалското семејство да почуствуваат дека нешто драматично се случува. И јас, и сите околу мене, сме подготвени и ќе продолжиме да соработуваме со институциите на системот, било да е извршна или судска власт, доколку тоа се бара од нас по дела за кои сме пријавиле сомнение – додава, меѓу другото, Сејдини. .
Раководните луѓе во УЕФА, вели актуелниот претседател на ФФМ, се детално се информирани за целиот случај, а финансиски експерти од оваа организација ќе извршат и дополнителна контрола на проектите и работењето на ФФМ.
Претходно, Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против повеќе лица меѓу кои и Илчо Ѓорѓиоски – поранешен претседател на ФФМ, О.М. – раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ.