СЕ ОДЛОЖУВААТ ПОВЕЌЕ НАСТАНИ Владата ќе се состане во 10 часот по трагедијата во Тетово

Во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово животот го загубија најмалку 10 лица.

999

За денеска се откажани повеќе најавени настани, по страшната трагедија кој синоќа се случи во Тетово, кога во пожар во модуларната болница во која беа сместени пациенти со ковид-19, животот го загубија најмалку 10 лица. Во меѓувреме закажана е итна вонредна седница на Владата од 10 часот утрово.

Така, од Министерството за животна средина информираа дека се одложува настанот за инаугурација на новиот национален парк Шар Планина, кој требаше да се одржи на Попова Шапка.






Од МЖСП упатија најискрено извинување на сите уважени гости од државата и од странство заради ова непредвидено одложување, а додадоа дека за новиот термин благовремено ќе ја известат јавноста.

– Министерството за животна средина и просторно планирање изразува најдлабока жалост за жртвите во големиот пожар во тетовскиот клинички центар и им посакува брзо закрепнување на повредените граѓани – се вели во соопштението.

Поради вчерашниот трагичен настан во модуларната болница во Тетово, беше откажана и прес-конференцијата на Фондот за иновации и технолошки развој, која беше најавена за денес во 10 часот.

Од Министерството за образование и наука исто така утрово известија дека посетата на министерката за образование и наука Мила Царовска на ОУ „Димитар Поп Георгиев Беровски“ во општина Ѓорче Петров, која беше предвидена за денес во 10:00 часот, се откажува.

Оттаму додаваат дека навремено ќе информираат за нов датум и час на посетата.

Поврзани содржини