СЕ НАВИКНАА МИНИСТРИТЕ ДА ГИ ОМАЛОВАЖУВААТ НОВИНАРИТЕ И Беким Сали „одржал лекцијa“ како се известува, реагира ЗНМ

ЗНМ изброја петти по ред „негативен испад на политичар кон новинарите и медиумските работници“ во период од два месеци, што говори дека ова веќе не се изолирани инциденти туку станува „негативен тренд на некоректен и омаловажувачки однос од страна на претставници на власта кон новинари“.

218

На прашање од новинарот Сенат Зулбеари упатено до министерот за здравство Беким Сали, тој наместо одговор, од министерот добил „куса лекција“ за новинарство. Оваа епизода Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја оценува како „испад“.

Утрово, во просториите на клиничката болница во Тетово, за време на прес-конференција на која биле поканети новинари и сниматели, министерот за здравство Беким Сали, како и директорот на Клиничката болница во Тетово, Амир Елези, имале „непримерна комуникација и омаловажувачки однос кон дел од присутните новинари“, оцени ЗНМ.






Што се случило?

На прашање на новинарите поврзано со напади кон нив од страна на обезбедувањето на болницата, Сали, наместо соодветен одговор, кажал: „Да бидеме реални, новинарството е со цел да се информира јавноста, има правила, етички е службено да се доставуваат прашања до надлежните во болницата или до министерот. Во моментот кога ќе влезете без предупредување и ќе направите снимки, третирате тема, сакате да направите истражување како што се правеше во Министерството за здравство, мислам дека тука наидувате на недоразбирања, а потоа има обвинувања и нема транспарентност. Транспарентноста треба да ја барате на вистински начин и ќе ја најдете.
Го снимаш лифтот, во делот на лифтот бараш и информација, нема информација поради неговиот пристап. Сфатете го како позитивна критика“.

Изминативе денови ЗНМ гласно алармираше за овој негативен тренд на непрофесионален однос кон новинари од страна на државни функционери што бележи пораст, за што веќе се известени партнерските меѓународни организации. „Очекуваме извинување од министерот Сали кон новинарите и укажуваме дека државните функционери се во служба на јавноста и тие не смеат да имаат непримерен и навредлив однос кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите“, се вели во соопштението на ЗНМ.

 

Поврзани содржини