ВО ПОСЛЕДНАТА ДЕЦЕНИЈА СЕ НАМАЛИЛ ИНТЕРЕСОТ ЗА ИСЕЛЕНИЧКИ ВИЗИ ЗА САД Во 2015 година се издадени 1.318 визи, а во 2024 година 573 визи
Од 2015 до 2024 година, период од 10 години, се издадени вкупно 8.163 иселенички визи за македонските граѓани во Соединетите Американски Држави.
Бројот на имигрантските визи за Македонците во САД бележи тренд на намалување во последната деценија.
Според извештајот на Стејт департментот на САД, во 2024 година се издадени иселенички визи по сите основи на 573 државјани на Македонија. Сличен број, 522 иселенички визи им се издадени на Македонците во 2023 година.
За разлика од тоа, во 2015 година се издадени 1.318 вакви визи за македонските државјани, а во 2016 година 1.354.
Во последната деценија најмногу визи за иселување во САД се издадени во 2017 година, односно 1.421, а најмалку во 2020 година, само 225, поради ковид-пандемијата.
Од 2015 до 2024 година, период од 10 години, се издадени вкупно 8.163 иселенички визи за македонските граѓани.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за коментар на одлуката на САД да го замрзне издавањето иселенички визи за 75 држави, меѓу кои и Македонија, рече дека станува збор за емигрантските визи, не за оние визи за потребите за студирање, за туристички посети итн. Тој најави дека во деновите што следат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани кога станува збор за ваков тип на односи со нашиот стратешки партнер.
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера рече дека се ставени на пауза постапките за иселеничките визи, а одлуката на Стејт департментот не влијае на сите други постапки за издавање визи за САД, како за стопанствениците, студентите или за туристите.
Тој додаде дека од сите апликации за визи во САД, најмал е бројот на барања за иселенички визи и дека се работи генерално за граѓани од повозрасната категорија.
И Муцунски најави добри вести во врска со визната политика на САД кон нашата држава, односно „затворање на прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме“.