Се моли чесниот даночник да ги врати парите на УЈП исплатени по грешка
Во УЈП ни потврдија дека имало двојна исплата по грешка кај неколкумина граѓани и дека овој проблем го истражуваат во ИТ секторот. Од Управата велат дека на граѓаните на кои два пати им бил уплатен поврат на ДДВ, ќе им испратат сметка на која ќе може да ги вратат погрешно уплатените пари.
Управата за јавни приходи (УЈП) во февруарската исплата на повратот на ДДВ на неколкумина граѓани кои скенирале фискални сметки, по грешка два пати им исплатила пари. Некои од нив веднаш пријавиле во УЈП, но сѐ уште не знаат дали ќе треба да ги вратат парите или тие ќе им бидат одбиени во следната исплата по три месеци.
Граѓаните со кои разговаравме велат дека и покрај пријавата, не им станало јасно како се случил ваков превид и дали УЈП има увид на чии сметки е направена двојна исплата.
– УЈП во февруари кога се вршеше уплатата на повратот на ДДВ на мојата сметка имаше уплатено износ од 1.800 денари за едно тромесечје. Три-четири дена по оваа уплата, повторно од УЈП на сметката ми легнаа 1.800 денари. Веднаш пријавив во надлежната служба и ми рекоа дека ќе биде направена проверка и корекција. Не знам како се случило тоа, но се прашувам што ако се направени повеќе вакви грешки и ако граѓаните не забележале или пак не пријавиле – вели еден чесен скопјанец.
Во УЈП ни потврдија дека имало двојна исплата по грешка кај неколкумина граѓани и дека овој проблем го истражуваат во ИТ секторот. Од Управата велат грешката веднаш била детектирана.
– За последниот квартал од 2020 година, извршена е двојна уплата на средства од МојДДВ поради техничка грешка при спроведување на налозите од страна на Управата за јавни приходи и Министерството за финансии, која веднаш е детектирана, и на граѓаните на кои им е извршена двојна уплата ќе им биде доставено известување на маил на која сметка може да го извршат враќањето на повеќе, погрешно уплатените средства. Доколку истите не постапат по известувањето во определен рок, Управата за јавни приходи ќе изврши службено задолжување за повеќе вратениот износ – велат од УЈП.
УЈП неколку пати претходно апелираше до граѓаните да ги ажурираат податоците наведени во апликацијата за да може да врши редовна исплата на повратот на ДДВ. Дури и се нафати на граѓаните што имале погрешно наведени податоци, а во меѓувреме ги коригирале да им го исплати повратот за целиот период на скенирање. Но, досега УЈП немаше објавено дека во исплатата е направена грешка со поголема уплата од прикажаната во скенираните фискални сметки.
Во последното тримесечје од 2020 година, на граѓаните кои скенирале фискални сметки преку апликацијата МојДДВ за месеците октомври, ноември и декември во текот на февруари годинава им беа вратени околу 382 милиони денари, односно околу 6,1 милиони евра. Тогаш УЈП информира дека се скенирани 67.272.456 фискални сметки, а вкупниот промет бил 33.398.562.346 денари.
Лимитот изнесува 1.800 денари за едно тромесечје, односно 600 денари месечно или 7.200 годишно за едно лице. Доколку се надмине лимитот од 600 денари месечно за едно лице, остатокот од сумата се пренесува во наредниот месец, во рамките на едно тромесечје.
Проектот МојДДВ, Управата за јавни приходи го почна на 1 јули 2019 година, а има цел враќање пари кај граѓаните и сузбивање на сивата економија.