СЕ МЕНУВААТ ОНЛАЈН ПЛАЌАЊАТА Банките воведуваат задолжителна засилена автентикација

Корисниците наместо СМС ќе мора да одобруваат трансакции преку мобилна апликација, со ПИН, отпечаток или препознавање лице.

670

Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички, што значи дека корисниците ќе мора дополнително да ја потврдуваат секоја трансакција.

Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата ќе се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги поседува податоците од картичката.






Целта на новата мерка е да се обезбеди поголема заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот при плаќањата без физичко присуство.

Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Мерката се воведува постепено во земјава и веќе се применува при онлајн-увид во платежните сметки на клиентите, како и при плаќања со платежни картички на физички продажни места или преку електронско и мобилно банкарство.

Поврзани содржини