СЕ МЕНУВА НАЧИНОТ НА ПАРКИРАЊЕ ВО ЦЕНТАР Нов QR-код систем овозможува плаќање за неколку секунди
Информативни табли со QR-кодови го олеснуваат плаќањето на паркинг услугите во Центар, а новите картички нудат повеќе опции за граѓаните.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска го посети штандот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ (ПОЦ), каде што заедно со директорот Душко Коцевски разговараше за новите иновации во системот за паркирање.
Коцевски го информираше градоначалникот дека на новите информативни табли на ПОЦ е поставен „QR“-код кој овозможува брзо и едноставно плаќање на паркинг услугата со платежна картичка, без регистрација и без потреба од испраќање „SMS“ порака.
– Одличен потег на ЈП ПОЦ за модернизација и поефикасно паркирање во општината. Ги следиме модерните трендови за побрзи и електронски достапни услуги со кои корисниците ќе можат полесно и поедноставно да ги користат услугите – изјави Герасимовски.
На информативниот штанд беа претставени и нови типови паркинг-карти достапни на веб-страницата www.poc.mk, меѓу кои мултинеделната карта и гостинските паркинг-карти, кои нудат поголема флексибилност и ефикасност при користење на паркинзите во Центар.