СЕ КРЧКА УКИНУВАЊЕ НА ВЕТОТО ВО ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ Австрија, Словенија, Германија и Италија бараат едногласноста да остане само на почетокот и на крајот

Австриската сојузна министерка за Европа, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во МНР, Нева Грашич, најавија дека целта на иницијативата што ја поддржуваат 16 членки на ЕУ е да се забрза процесот и да се избегне внесување билатерални и внатрешно-политички прашања во процесот на пристапување.

1,321

Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија иницираа до Европската комисија промена на процесот на одлучувањето за пристапувањето на земјите кандидатки и тоа со употреба на квалификувано мнозинство за техничките меѓучекори, а едногласност само за почетокот и на крајот на преговорите за членство.

Оваа инцијатива е веќе во Европската Комисија и ја поддржуваат 16 земји членки. Како што појаснија денеска во Скопје австриската сојузна министерка за Европа, интеграција и семејство, Клаудија Плаколм и словенечката државна секретарка во Министерството за надворешни и европски прашања, Нева Грашич, целта е да се забрза процесот и да се избегне внесување на билатерални и внатрешно-политички прашања во процесот на пристапување.






И Плаколм и Грашич на заедничката прес-конференција во Скопје со министерот за европски прашања Орхан Муртезани нагласија дека целта на оваа иницијатива е да се забрза влезот во ЕУ на Земјите од Западен Балкан, но и на Украина и Молдавија.

– Среде Европа недостига еден голем дел да биде во состав на ЕУ, треба да се потрудиме да ја затвориме оваа празнина, за да ја зголемиме безбедноста на континтетот и да го поврземе она што си припаѓа едно на друго. Процесот на приклучување трае веќе 20 години, веќе 20 години ѝ ветуваме на Северна Македонија дека ќе стане членка на ЕУ. Денеска имам новина од Австрија за вас. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство во процесот на пристапување на нови земји во ЕУ, со цел да се намали бирократијата. Тоа значи дека нема да биде неопходна едногласност за секој технички чекор за секоја земја кандидат… За крајниот процес на пристапување ќе биде потребна едногласност, но во меѓувреме ќе се намалат тензичните билатерални односи и ќе може во поголема мера неутрално да се носат одлуки – нагласи Плаколм.

Таа појасни дека станува збор за квалификувано мнозинство за техничките чекори.

Според Плаколм, потребна е политичка волја за да заживее оваа иницијатива.

– За нас е јасно дека за големите прашања, како заедничката безбедносна и надворешна политика, ќе мора да зборуваме во еден глас, но во пристапните разговори не смее да има кочења во меѓучекорите со билатерални и внатрешно-политички прашања. Секако за почетокот и крајот на процесот треба да постои едногласност – нагласи австриската министерка.

Грашич се надворза дека и Словенија, како и Австрија инсистира Македонија што поскоро да влезе во ЕУ.

– Проширувањето на ЕУ и натаму е наш приоритет, пред сè, поради геополитичката динамика. Инститираме и Северна Македонија да стане дел од ЕУ до 2030 година и го разбираме разочарувањето – истакна Грашич.

Таа додаде нејзината земја е една од оние кои ја покренаа инцијативата за воведување квалификувано мнозинство за технички прашања.

– Словенија и Германија неодамна предложија гласање со квалификувано мнозинство за технички прашања поврзани со проширувањето. Сакаме да ги видиме земјите од Западен Балкан, но и другите од Истокот што е можно побрзо да напредуваат, ова е наш придонес. Кога Словенија се приклучуваше процесот беше полесен, со помалку Аки, сега е потежок во однос на усогласувањето со закодавството на ЕУ. Унијата сега е посилна со поконкретизирани закони – додаде таа.

Појасни дека Словенија, Германија, Австрија и Италија испратиле писмо до претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта за покренување иницијатива за поедноставување на процесот на носење одлуки, која е поддржана од 16 членки.

Грашич додаде дека се поканети и останатите да се приклучат на иницијатовата и изрази задоволство што Кошта и лидерите дискутираат за неа.

Министерот Муртезани посочи дека ние како земја говориме дека методологијата на проширување треба да претрпи одредени промени, не само бидејќи тоа сме го почувстувале на наша кожа, туку и поради тоа што, за жал, тоа станува пракса и не им штети само на интересите на земјите кандидати, туку и на стратешкиот интерес на ЕУ.

– Тоа е особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор, условно кажано, за злоупотреба на билатерални процеси во пристапувањето. Сменета е геополитиката и мора да се воспостави методологија која ќе овозможи брзо заокружување на процесот во овие услови на неизвесност – рече Муртезани.

Поврзани содржини