СЕ КРЧКА НОВ ЦЕНОВЕН ШОК ЗА ГРАЃАНИТЕ ПО НОВА ГОДИНА Поскапуваат становите, истекува рокот за повластен ДДВ

Не се знае дали владата ќе го продолжи рокот за повластен ДДВ од 5% за купување стан по истекување на рокот 30 декември.

4,622

Дали граѓаните кои ќе купуваат станови по Нова година ќе плаќаат повисока цена поради зголемување на стапката на данокот на додадена вредност од 5 на 18%?

Институциите прават анализи, а градежните компании бараат да се продолжи рокот на повластената стапка на ДДВ од 5% за првиот промет на станбена зграда и стан и по 30 декември до кога трае претходната одлука. Тие велат дека повисоката стапка на ДДВ ќе значи и повисока цена на станот за граѓаните.






Граѓаните се револтирани бидејќи секогаш тие мора да платат висока цена и за градежниците и за државата.

Повластената стапка на ДДВ од 5% за прва продажба на стан беше воведена во 2010 година како антикризна мерка со важност од 5 години со цел да го стимулира градежништвото и да им го олесни купувањето стан за домување на граѓаните. Мерката досега беше неколкупати продолжена со период од 5 па од 3 години, а последното продолжување беше направено во 2023 година со важност до 30 декември 2025 година.

Градежниците велат дека во сегашната економска состојба не треба да се размислува за зголемување на стапката на ДДВ на 18%.

– Не е во интерес ниту на градежниците, ниту на граѓаните да се зголеми стапката на ДДВ од 5 на 18%. Со тоа се зголемува цената на становите и ќе се намали можноста граѓаните кои сакаат да го решат станбеното прашање да купат сопствен стан. Уште повеќе што се најавуваат и стимулативни мерки за младите брачни парови кои сакаат да купат стан – вели претседателот на Градежната комора од Сојузот на стопански комори Ивица Јакимовски.

Андреја Серафимовски од Стопанската комора вели дека тие веќе ја подготвиле иницијативата повластената стапка на ДДВ од 5% да продолжи и во наредните 2 до 3 години.

– Инвеститорите некако ќе го издржат можеби овој товар, но данокот ќе се прелее на сметка на граѓаните на кои во овој период повеќе од потребно им е да платат пониска цена за купување стан. Затоа ние како комора подготвуваме иницијатива да се продолжи повластената стапка на ДДВ од 5% уште 3 години, додека не се продадат новите големи градби кои се при крај, па потоа државата нека оцени што ќе прави со стапката на ДДВ – вели Серафимовски.

Граѓаните се револтирани што покрај високите цени на становите кои треба да платат ќе треба да платат дополнителни 18% на цената за ДДВ.

– Кога државата сака да стави некаков ред во бизнисите, секогаш граѓаните се тие кои го плаќаат цехот. Што ќе им пречи на градежниците на сегашната висока цена да стават уште 18% кои нема тие да ја платат, туку ние кои ќе купуваме стан. Со ова државата ќе овозможи само богатите кои и сега купуваат станови за да ги издаваат под кирија да можат да профитираат и натаму, а граѓаните кои немаат доволно пари да купат стан ќе земаат кредити со високи камати и ќе плаќаат на државата данок од 18%. значи ќе им прават профит на банките и ќе ја полнат државната каса. Што стана со стимулациите за младите да се вратат на село или да останат во земјава? – вели Илија А. од Скопје.

Зголемената стапката на ДДВ за купување на стан покрај поскапување на становите ќе повлече и поскапување на кириите, велат познавачи на состојбите, а тоа ќе значи и влошување на финансиската состојба и на граѓаните кои станбеното прашање го решаваат на ваков начин.

Од Министерството за финансии кое треба да ѝ предложи на владата да го продолжи рокот за повластено ДДВ за станови или да се спроведува вистинската стапка од 18% велат дека ќе прават анализа па ќе предлложат решение.

„Согласно постојната законска регулатива даночењето на првиот промет на станбени згради и станови се врши со примена на стапка од 5% ДДВ.  Во рамки на Министерството за финансии, а во координација со останатите релевантни институции ќе се направи детална анализа во однос на истото и доколку се оцени неопходно преземањето на определи мерки и активности, истите ќе бидат предложени до Владата на понатамошно разгледување и одлучување“, изјавија од Министерството за финансии.

Последните години цената на становите непрекинато расте, покажуваат податоците на Народната банка. Според овие податоци во вториот квартал годинава, цената на становите пораснале за 22,3%. Просечната цена на квадратот во Скопје во август, се движи над 2.000 евра и зависи од општината. Во Центар на пример била повисока од 2.154 евра, во Карпош 2.071 евра, а во Аеродром 1.821 евра. цената на становите порасна и во другите градови во земјата каде што расте и инвестирањето во станбената изградба.

Институциите неодамна јавно кажаа дека половина од овие станови се купуваат во готово, со што се зголеми потребата да се преземат мерки за борба со сивата економија во секторот.

Гувернерот на НБРМ, Трајко Славески, пред две недели изјави дека половина од становите во земјава се купуваат во готово и изворот на тие средства треба да се провери.

– Според процените, околу 50% од новопродадените станови се купуваат на кредит, другите 50% се во готовина. Ние немаме сознанија од каде доаѓа таа готовина, дали е од заштеди, дали е од некои приливи за кои не сакаме да зборуваме, има други институции што треба да го утврдат тоа, секако и Народната банка – изјави Славески.

Славески, меѓутоа, рече дека во иднина треба различно да се третираат становите кои се купуваат за живеење во нив од оние кои се сметаат за инвестиција кои најчесто се и извод за шпекулации.

Управата за јавни приходи минатата недела го идентификува градежниот сектор во земјава за високоризичен, особено во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово. Управата најави и засилени даночни контроли во кои во центарот на вниманието ќе биде: продажба на објекти по истекот на пет години од нивната изградба, договори со нереално ниска продажна вредност, непријавени вработувања и ангажмани, значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба, издавање фактури без прибелешки во јавните книги, неправилна примена на механизмот за пренос на даночна обврска (reverse charge).

– Целта на овие контроли е откривање и санкционирање даночни неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот – рекоа од УЈП.

Останува да се види како ќе пресече Владата.

Поврзани содржини