СЕ КРЧКА ЛИ НОВА „ШАРЕНА РЕВОЛУЦИЈА“? Мицкоски ги повика Села и Касами на протест, тие само што не прифатиле

Добра идеја е да излеземе на улица и да организираме заеднички протести со албанскиот опозициски блок. Ако делиме заедничка цел, а тоа е дека оваа влада е неуспешна, корумпирана, криминална и треба да замине, тогаш зошто да не? - рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

7,544

Добро би било заедно со партиите од албанскиот опозициски блок да организираме заеднички протести во повеќе градови одеднаш, порача синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој појасни дека целта на тие заеднички протести би била да се сруши сегашната неуспешна, корумпирана и криминална власт.

Христијан Мицкоски: Ајде да имаме заеднички протести. Да протестираме во повеќе градови одеднаш. Тоа е легитимна и добра одлука





– Добра идеја е да излеземе на улица и да организираме заеднички протести со албанскиот опозициски блок. Ако делиме заедничка цел, а тоа е дека оваа влада е неуспешна, корумпирана, криминална и треба да замине, тогаш зошто да не? Ајде да имаме заеднички протести. Да протестираме во повеќе градови одеднаш. Тоа е легитимна и добра одлука – рече Мицкоски во емисијата „Патот кон“ на Алсат.

Од неговата партија за Плусинфо велат дека очекувањата се повикот за општонароден протест да биде слушнат и прифатен од сите опозициски политички партии.

– Со оглед на тешката состојба во којашто се наоѓаат сите граѓани на државата, заедничките проблеми, беспарицата, растечката сиромаштија, се случува обединување на граѓаните во потешкотиите кој ги наметнува животот. Оттука и повикот за протести се однесува на сите политички партии кои не се на власт и кои чувствуваат одговорност да ја турнат оваа власт која донесе криминал, корупција и сиромаштија. Кога може граѓаните да бидат обединети околу заедничките проблеми кои за сите се исти, тој пример треба да го следат и останатите политички и општествени субјекти во државата во туркањето на оваа власт. Носењето одлука за излегување на улица очекуваме да биде поддржано и од сите политички партии и тоа да биде општонароден протест за смена на оваа власт – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму набројуваат дел од проблемите со коишто се соочуваат граѓаните, а поради кои е дојдено времето за протести.

– Инфлацијата во јануари беше 6.7 проценти, во февруари беше 7.6 проценти, а во март е 8.8 проценти. Според бројките може да се воочи дека мерките на СДСМ не се баш успешни во справување со економската криза. Над 35 отсто од граѓаните живеат во ризик од сиромаштија, а растот на економијата ни е најнизок во споредба со сите земји од регионот. За година и пол горивата поскапеа за 70 отсто, струјата поскапи за 30 отсто, парното за 15 отсто, цената на лебот е зголемена и за 110 отсто, а сите останати основни намирници се поскапени за 30-50 отсто. Под итно се потребни зголемувања на платите и во другите области, и раст соодветен на минималната плата. Со оваа криминална власт граѓаните секој ден стануваат сѐ посиромашни – порачуваат од партијата на Мицкоски.

Секако дека треба да се оди на предвремени парламентарни избори и треба да се искористат сите демократски средства за да се турне актуелната власт.

Фадил Зендели Беса

Пратеникот Фадил Зендели од Беса во разговор за Плусинфо вели дека неговата партија без размислување ќе се приклучи на повикот за масовни протести, бидејќи, како што потенцираше, сите опозициски партии во земјава треба да искористат сѐ што им се нуди само за да ја турнат актуелната власт.

– Секако дека треба да се оди на предвремени парламентарни избори и треба да се искористат сите демократски средства за да се турне актуелната власт. Во тие демократски средства спаѓаат и уличните протести кои се дел од демократскиот политички дискурс. Ние како партија сѐ уште немаме изградено официјален став околу излегувањето на протести, но секако дека ќе го анализираме ваквиот повик што ни го испрати претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Целосно се согласуваме дека се потребни предвремени парламентарни избори и затоа треба да ги искористиме сите демократски средства кои ќе ни овозможат да ја исполниме целта – изјави Зендели.

Од партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, пак, велат дека во партијата засега сѐ уште не разговарале за идејата за масовно излегување на улица, но како што брифираат, и тие се главно подготвени да направат сѐ што е потребно за да ја срушат власта на СДСМ и на ДУИ.

Поврзани содржини