СЕ ИЗМИСЛУВА ФУНКЦИЈА НА ЗАМЕНИК ДИРЕКТОР ВО ЦАРИНА ЗА КАДАР НА ЗНАМ Левица обвини дека власта едно збори, друго прави
Сега, за да се ухлебат кадрите на ЗНАМ, Собранието ќе измислува нова функција, тоа е заменик директор на Царината. Објаснувањето на пратениците од ЗНАМ дека нема да има финансиски импликации, очигледно не е точно, рече Мециновиќ.
Владата измислува нови политички функции за да се зачува коалицискиот мир, на грбот на граѓаните, обвини денеска на прес-конференција пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ, по предлогот на Владата за воведување нов заменик директор на Царина.
– Првите сто дена од Владата се окарактеризирани само со лаги и зголемување на привилегиите! Сега, за да се ухлебат кадрите на ЗНАМ, Собранието ќе измислува нова функција, тоа е заменик директор на Царината. Тоа што го ветуваше ВМРО-ДПМНЕ пред да дојде на власт, а тоа е намалување на државната управа, сега гледаме дека се одвива во друга насока. Објаснувањето на пратениците од ЗНАМ дека нема да има финансиски импликации, очигледно не е точно. Измислувањето на нова позиција, секако дека ќе има финансиски импликации – рече Мециновиќ.
Тој додава дека освен тоа што го зголемија бројот на Министерства, ВМРО-ДПМНЕ и владејачката коалиција лажеа дека ќе се оптимизираат непотребните места и функции.
– Но, сега гледаме дека тенденцијата на СДСМ и ДУИ, за зголемување на државниот апарат, на штета на граѓаните продолжува и во овој мандат. Крајно време е да прекине ова злоупотребување на државната управа и да се тргне во вистинско оптимизирање, а не зголемување на државниот апарат, само за нивните неспособни кадри да го најдат своето место – порача Мециновиќ.