СЕ ИЗЛЕАЈА РЕКИТЕ КОЧАНСКА, ЗРНОВСКА, ОРИЗАРСКА, ЦРНА, КИСЕЛИЦА, ОБЕДИЧНИЦА… Одрони во Тетовско по обилните врнежи
Населбата Далјан во Охрид е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација, информира ЦУК.
Центарот за управување со кризи информира за за состојбата во Македонија со обилните врнежи од дожд.
– Во Општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и на каналите во полскиот дел. Кочанска Река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Зрновска Река се излеа пред вливот во реката Брегалница. Оризарска Река се излеа кај селото Грдовци, каде состојбата е најкритична. Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го забрани сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото – информира ЦУК.
Злетовска Река и Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање.
Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, додека во средните и долните текови состојбата останува критична.
– На патниот правец Македонска Каменица-рудник САСА, поради одрон сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од околу 200 метри. Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица на патниот правец меѓу селата Неокази и Петришино, сообраќајот е отежнат – соопшти ЦУК.
Во Охрид е одржан состанок на Кризниот штаб, со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
– Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација.
Проблеми се евидентирани и на Коселска Река кај селото Ливоишта, каде надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила. Надлежните институции се известени – велат од ЦУК.
Во Кичево, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Околу 120 лица од улицата Прилепска и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти.
– Во Битолско, градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти. Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси – информира ЦУК.
Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат.
– Во Крушево и во Демир Хисар има локални излевања на реките Црна и Обедничица, со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетена, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки – додава ЦУК.
Во Тетовско се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментно се непроодни. Општината интервенира со механизација. Во Мала Речица е пријавено уривање на потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби. Во општина Желино, пријавено е излевање на реката Вардар во селото Стримница, каде е испратена механизација од ЈКП.
Во Скопскиот и во Кумановскиот регион нема излевање на реките.