Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање во нормала на организираниот превоз на патници од и во подрачјето на општина Тетово. Донесени се и Протоколот за отворање и работа на приредувачите на игри на среќа во автомат клубовите и во казината и Протоколот за постапување на средните училишта за полагање на квалификацискиот испит.
На владината седница донесени се и измените на Уредбата за примена на Законот за акцизи со кои се изедначува акцизата на маслото за греење со акцизата на маслото што се користи како погонско. Со ова, велат од Владата, ќе се оневозможи злоупотребата на користењето на гасното масло за греење спротивно на неговата намена, ќе се сузбие сивата економија и ќе се заштити животната средина.
Можеби ќе ве интересира
Владата донесе измени со кои се продолжува мерката за ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на личен доход и данокот на добивка за јуни и јули во насока на ублажување на последиците на компаниите кои претрпеле штети во работењето поради ширењето на коронавирусот ковид-19.
Владата донесе и измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба со цел да се овозможи важноста на дозволата за привремен престој и дозволата за постојан престој да се продолжи и за оние дозволи чиј рок на важење истекува по вонредната состојба. Со Уредбата се овозможува оваа категорија на странци да остварат легален влез во државата и да пристапат кон постапка за продолжување на престојот, за сите видови основи за престој за кои овие постапки се водат преку подрачните единици за странци на Министерството за внатрешни работи. Воедно, со прецизирање на периодот во кој наведените документи можат да истечат, ќе се оневозможат евентуални злоупотреби од страна на лица на кои дозволите за престој им истекле пред воведување на вонредната состојба.