СЕ ГРАДИ ПРВАТА СПОРТСКА САЛА ВО ПРИПОР Ќе биде готова за 2 години
Ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности.
Се гради првата училишна спортска сала во населбата Припор. Новиот објект ќе биде сместен во дворот на ПОУ „Круме Кепески“ и ќе се простира на 500 квадратни метри, а рокот за изведба е две години. Проектот е овозможен со поддршка од Владата, по апликацијата на Општина Кисела Вода на владиниот повик за обезбедување средства за реализација на капитални проекти.
Ќе се изврши целосно партерно уредување на училишниот двор, со што ќе се создаде безбеден и функционален простор за секојдневни активности. Вредноста на проектот изнесува 16.449.974,80 денари.
– Изградбата на спортската сала претставува инвестиција во подобро образование, здрави навики и развој на младите генерации во Припор. Салата ќе обезбеди современи услови за спорт и рекреација на учениците и младите од овој дел на градот – велат од Општината.
Во изминатите четири години се изгради спортска сала во Пинтија, се реконструираше салата во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, започна изградбата на сала во ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, заврши реконструкцијата на салата во ООУ „Партение Зографски“, како и реконструкцијата на салата во ООУ „Климент Охридски“.
Од Општината велат дека подготвена е документацијата за изградба на нова сала во ООУ „Кузман Шапкарев“, а салата „Расадник“ темелно се реконструира во соработка со Министерството за спорт.