СЕ ГАСНЕ ПЕЧКАТА ВО „ФЕНИ“ Падна првата голема жртва на енергетската криза

Од утре работниците ќе бидат испуштени со плата од 70 отсто.

1,379

Топилницата ФЕНИ од Кавадарци утре ќе ги изгасне печките и ќе го прекине производството, потврдија од компанијата „Еуроникел“ за Плусинфо.

Менаџерскиот тим на денешната седница одлучил електропечката за производство на никел, која од 1 јуни е на режим на одржување, да се изгасне најдоцна до утре во 14 часот. Вработените ќе бидат на принуден одмор, односно со исплата 70 отсто од платата. Во компанијата работат околу 900 работници.






Од „Еуроникел Индустри“ која е најголем поединечен потрошувач на електрична енергија во државата, каде што струјата има најголем удел во производниот трошок велат дека уште од октомври лани кога цената на струјата почна вртоглаво да расте презеле  бројни активности за амортизирање на последиците и продолжување на производниот процес.

– Со натомошна ескалација на пазарот на струја во месец јули 2022 година, застанавме со производството и во изминатите три месеци презедовме бројни неопходни ремонтни активности, а веќе во средината на септември, започнавме и со принуден платен одмор на работниците. Бидејќи долгорочно одржување на електро-печката во топла состојба не е препорачливо од техничка гледна точка и носи техничко-технолошки ризици, а во исто време се трошат огромни средства, а притоа не се генерираат никакви приходи, одлучивме плански да го стопираме напојувањето и сите ресурси да ги насочиме кон енергетски проекти кои имаат за цел да обезбедат електрична енергија за продолжување на производниот процес – велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека се преземени  сите  мерки, доколку дојде до поволна промена на пазарот на електрична  енергија, или пак се обезбеди електрична енергија од страна на државата, по субвенционирана цена, подготвени сме во најкраток рок да го рестартираме процесот.

-Паралелно на ова, реализацијата на нашите планови за енергетска независност подразбираат и институционална поддршка, која се надеваме соодветно ќе ја добиеме, а во интерес на компанијата, вработените, добавувачите и сите останати засегнати страни, и секако во интерес на националната економија, ако се земе предвид дека Еуроникел е еден од најголемите работодавачи, втор најголем извозник, со значаен придонес кон бруто домашниот производ  – велат од компанијата.

„Еуроникел“ засега е најголема жртва на енергетската криза во Македонија.

Поврзани содржини