СЕ ГАСИ, НО И СЕ ПАЛИ Активни пожари во 4 региони, 18 изгаснати низ Македонија
Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да пријавуваат каква било појава на чад или пламен за навремена интервенција, бидејќи високите температури и сувото време остануваат ризик за нови пожари.
Пожарот во дојранското село Николиќ е ставен под контрола, но четири други пожари и натаму се активни и со сериозен потенцијал за ширење, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според најновите податоци, активни се пожарите кај велешките села Џидимирци, Крушје и Иванковци, како и на поширокиот потег меѓу селата Црешнево, Локвица, Крапа и Слатина во општина Македонски Брод.
ЦУК соопшти дека вкупно 18 пожари се изгаснати низ повеќе региони во државата. Во скопскиот регион се ставени под контрола пожарите кај село Горњани и над црквата „Св. Троица“ во Чучер Сандево, како и во близина на Смилковско Езеро и село Раштак кон Љуботен во општина Гази Баба.
Пожарите кај селата Љубин и Крушопек кон село Лака во општина Сарај, како и на булевар „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, каде гореа градежни материјали, се исто така целосно изгаснати.
По два пожари се изгаснати во Кумановско – кај селата Четирце и Пчиња – и во општина Долнени, кај Црнилиште и Слепче. Интервенирано е и во населбата Баир во Битола, каде пожарот е успешно ликвидиран.
Дополнително, пожарите се изгаснати и во општините Кичево, Струга, Штип, Пробиштип, Кратово и Теарце.
Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни и да пријавуваат каква било појава на чад или пламен за навремена интервенција, бидејќи високите температури и сувото време остануваат ризик за нови пожари.