СЕ ФОРМИРА МЕЃУНАРОДНА БАНКА ЗА ОДБРАНА Банкарите први ја поддржаа иницијативата, државите се мислат

Визијата на иницијаторите е да создадат институција со највисок кредитен рејтинг „ААА“, способна да собере 100 милијарди фунти (околу 137 милијарди долари) за финансирање на одбранбени проекти.

84

Поранешни советници за безбедност на НАТО, високи воени функционери и искусни банкари поведоа иницијативата за основање Банката за одбрана, безбедност и отпорност (DSRB).  Нивната визија е да создадат институција со највисок кредитен рејтинг „ААА“, способна да собере 100 милијарди фунти (околу 137 милијарди долари) за финансирање на одбранбени проекти.

Оваа иницијатива има за цел да создаде глобална банка со владина поддршка што би го финансирала вооружувањето на земјите низ светот.






Посебен акцент е ставен на земјите кои имаат тешкотии во пристапот до поволни извори на финансирање. Сепак, проектот се соочи со сериозни пречки уште од самиот почеток. Велика Британија нема да ја поддржи иницијативата, што е значаен удар за нејзините основачи.

Реномирани финансиски институции како што се „Џеј-Пи Морган“ , „Комерцбанка“,  ING, RBS  и LB=BW веќе го потврдија своето учество во проектот, се наведува  на официјалната веб-страница на DSRB. Вчера и германскиот банкарски гигант „Дојче банк“  ја објави својата поддршка за основањето на Банката.

Иако „Дојче банк“ не ги прецизираше деталите за својата улога, познати се други банки кои обезбедуваат техничка помош при основањето на DSRB, додека холандската банка ING го обезбеди почетниот заем за започнување на проектот.

– „Дојче банк“ е посветена на континуирана поддршка на напорите на ЕУ, германската и британската влада и другите партнери во зајакнувањето на одбранбената отпорност на Европа – се вели во официјалното соопштение на банката.
Предлогот за основање на банката беше разгледан на состанокот во  Лондон на кој присуствуваа претставници на 35 земји од НАТО алијансата, Европската унија и Индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи ги сите членки на групата Г7.

Досега новата банка не објави дали обезбедила финансиска поддршка од која било држава, што е клучен чекор за започнување со работа.

Успехот на иницијативата ќе зависи од подготвеноста на земјите да инвестираат реален капитал, и покрај силната поддршка од приватни банки како што се Дојче Банк и ЏП Морган.

Иако иницијативата за основање глобална одбранбена банка ужива растечка поддршка во рамките на финансискиот сектор, нејзиниот краен успех ќе зависи од надминувањето на политичките пречки и обезбедувањето владина поддршка.

Поврзани содржини