Се фати Заев за Стојко

Стојко Пауновски ни покажа како постапува човек со професионален морал и со личен интегритет - стави го Заев на „муте" и терај како што ти налага совеста! 

10,330

Не паметам кога последен пат вработените во една државна институција јавно и храбро застанале зад својот шеф, затоа што покажал одговорност, висок морал и личен интегритет, по цена да се збогува со својата функција.

Додуша, не паметам кога последен пат човек на висока функција демонстрирал вакви доблести, па да заслужи таква поддршка. На такви позиции најчесто се поставуваат партиски послушници и безрбетници. Од такви луѓе не може да се очекува да кажат „не”, или, не дај боже, да не кренат слушалка кога премиерот ги бара по телефон.






Стојко Пауновски, директорот на Државниот пазарен инспекторат, покажа таква доблест и стаменост. Тој одби во институцијата со која раководи да прими административци да нишаат врата и да земаат плата само затоа што се од „рамковните” списоци и затоа што така одлучила Владата. И затоа од својата чета инспектори добива силна поддршка, а од јавноста силен аплауз.

Пауновски не е вчерашен и знае дека поддршката и аплаузите нема да ја спречат неговата егзекуција. И токму затоа фасцинира одлучноста со која на дрската и безобразна закана од неговиот „личен пријател” Зоран Заев дека ќе биде разрешен, тој одговара спокојно и непоколебливо – нека ме разрешат!

Богами, денес ретко се слуша вакво нешто. Ретко се среќава човек со ваков интегритет, посебно во околината на Зоран Заев, кој се опкружува со извршители и со аминџии од типот на Љупчо Николовски Путеро, нашиот комичен Берија, кому ќе му припадне „честа” официјално да ја побара главата на Пауновски.

Најмалку три пати во животот сум бил во ситуација принудно да избирам меѓу образот и позицијата што гарантира сигурност и комфор. Верувајте, не е лесно да се избере образот, да се каже „не”. Те гризе црвот на сомнежот, дека можеби не постапуваш исправно, дека твојата жртва можеби е залудна, дека можеби те водат инаетот, суетата и другите човечки слабости.

Во такви ситуации најдобро е да се одлучува брзо, решително, без големи „анализи” и калкулации – така како што веројатно пресекол и Пауновски. Најдобри сојузници се срцето и интуицијата. Се разбира, ако човек ги има…

Пауновски демонстрираше и борбеност и срчаност. Тоа се особини од кои Заев се ужаснува. Затоа, посебно ме импресионира тоа што тетовецот одлучил да не подлегне на слаткоречивоста на својот „личен пријател”, па за да не биде доведен во искушение, претпоставувам, решил да го стави Заев на „муте”. Паметно.

Накусо, ова е вистинска показна вежба и поука и за идните генерации раководители во државната администрација: терај така како што вели законот и како што налага професионалната етика, покажи личен интегритет, пружи отпор и премиерот и може за стојко да ти се фати.

Другар Пауновски, секоја чест!

Поврзани содржини
na