Се договорија ли браќата Борисов и Заев, или сепак ќе биде – брат за брат, сирење за пари?

И во Софија и во Скопје има сериозни сомневања дека компромисот за отворените прашања се сведуваат на она што беше објавено вчера во нонпејперот. Веќе се лицитира и со други можни отстапки од македонска страна, со кои Заев наводно го одоброволил Борисов да се откаже од намерата да го блокира почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

1,700

Средбата во Софија, во рамките на Берлинскиот процес, со која копретседаваат премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, почна со многу пријателски пораки и оптимизам. Заев потсети дека водечкиот принцип на Берлинскиот процес има за цел да обезбеди континуитет на започнатите иницијативи во рамки на процесот и да се фокусира на забележливите позитивни ефекти во регионот.

– Исто така, ја искористивме политичката платформа на овој процес за натамошно туркање на иницијативи како што се регионалниот договор за патување со лична карта, проширување на зелените ленти на ЗБ кон коридорите на Европската унија и соработката во областа на здравството и регионалниот договор на пандемијата – додаде тој, на прес-конференцијата на Самитот за Западен Балкан во рамките на Берлински процес, кој се одржува во Софија.






Бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека „има многу симболика во заедничкото домаќинство на Бугарија и Република Северна Македонија на Берлинскиот процес“.

– Бугарија е водена од нејзината желба да им помогне на земјите од регионот на патот на нивната евроинтеграција, како и да ги зајакне добрососедските односи, регионалната безбедност и соработка – рече тој.

Германската канцеларка Меркел денеска со охрабрувачки зборови ги поздрави премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов и рече дека овој самит ќе даде импулс и за народите во регионот и за компаниите, поздравувајќи ја посебно согласноста околу зелената агенда. Но, канцеларката не заборави да ги потсети двајцата премиери дека „мора да има меѓусебно согласување“.

– Берлинскиот процес секогаш е поврзан со помирувањето на несогласувањата и на проблемите од минатото и се надеваме дека и овој пат ќе помогне. Она што мора да го кажам е дека мора да се согласувате. Не заборавајте го тоа, затоа што е многу важно – порача Меркел.

Ќе се согласат ли Заев и Борисов околу преговарачката рамка, која е услов Македонија да почне да преговара за членство во ЕУ?

Ако се суди според нонпејперот што го објави еден австриски новинар, на минатонеделната средба во Берлин меѓу министрите Никола Димитров, Бујар Османи и Екатерина Захариева, бил постигнат компромис. Бугарија ќе ја одобри преговарачката рамка за Македонија и ќе се согласи на одржување на првата меѓувладина конференција. Но, Македонија, пред членките на Унијата и пред европските институции, официјално ќе изјави дека краткото име Северна Македонија се однесува исклучиво на политичкиот ентитет Република Северна Македонија. Бугарија ќе го задржи правото со унилатерална изјава, која ќе биде анекс на преговарачката рамка, да објави дека под македонски јазик го подразбира „македонскиот јазик во согласност со Уставот на Северна Македонија“. Дополнително, Македонија е подготвена официјално да изјави дека македонскиот јазик е кодифициран во 1945 година.

Нема официјална потврда на нонпејперот, но има прилично жестоки реакции и во Софија и во Скопје. Критикувајќи го бугарскиот заменик министер за надворешни работи Љубомир Ќучуков, софискиот експерт за меѓународно право Велизар Енчев на Фејсбук ја обвини Германија дека застанала на страната на Македонија. Тој, меѓу другото, напиша:

– Врв на непрофесионализмот се тврдењата дека блокирањето на членството на Скопје во Европската унија ќе создаде антибугарски расположенија во Северна Македонија. Дури и децата знаат дека антибугарската кампања нема да запре тука, бидејќи е пренесена во Берлин во последните денови. Ангела Меркел разговара секој втор ден со претседателот Пендаровски и сo премиерот Заев, а потоа го повикува Борисов да го присили да му даде зелено светло на Скопје за членство во ЕУ.

И во Скопје има сериозни сомневања дека компромисот меѓу Заев и Борисов е само она што е напишано во нонпејперот. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, повикувајќи се на „неофицијални дипломатски извори“, тврди дека „ освен пазарење со македонската историја, самобитност и со национални херои, Заев на Борисов му ветил и влез на бугарски капитал во една голема македонска банка и во една голема телекомуникациска компанија“.

 

 

 

Поврзани содржини